За првпат во главниот град, од 1 до 3 септември ќе се одржи Скопски поетски фестивал

Од 1 до 3 септември ќе се одржи првото издание на новооснованиот интернационален Скопски поетски фестивал.

Првото издание на фестивалот ќе се одржи главно со домашни поети, но и петмина од странство, од кои дел ќе бидат лично присутни, а дел ќе се претстават со видеопроекции. Отварањето на фестивалот ќе биде на први септември, во 19 часот во МКЦ – Скопје и ќе читаат десетина поети на настанот наречен „Стихофренија“, тематско поетско читање посветено на народната поезија и фолклорот. Читањето ќе има и музичка поддршка со дел од членовите на ВИС „Тркалезна маса“. Во склоп на првиот ден ќе има и изложба отворена за сите посетители, сочинета од делата на 16 ликовни уметници и графички дизајнери директно инспирирани или кои комуницираат со конкретна песна на секој од поетите што ќе настапат на фестивалот.

На втори септември, исто така со почеток од 19 часот, на истата локација ќе бидат преставени поетите од странство: Сергеј Тимофеев од Латвија, Марија Дејановиќ од Хрватска, Танос Гогос од Грција, Ким Симонсен и Вонбјошт Ванг од Фарските Острови, како и македонската поетеса Лидија Димковска. Освен читањето, ќе се емитуваат и неколку куси поетски филмови: дел од нив се наменски снимени и инспирирани од песните на поетите што ќе читаат на интернационалната вечер, авторство на Валентина Бактијаревиќ од Србија. Воедно, „Киноскоп“, фестивалот на аналогни и и експериментални филмови од Белград, Србија, ќе бидат поддршка на фестивалот, со шест куси поетски филмови од САД, Јапонија, Германија и Канада.

На трети септември планиран е мастерклас, односно работилница за креативно пишување, преку „Зум“ платформата, во соработка со Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје и Институтот за македонска култура. Работилницата ќе ја води Ким Симонсен од Универзитетот во Амстердам, кој вакви работилници одржал и на други универзитети, како што се Оксфорд и Станфорд. Со ова работилница, се завршува првиот Скопски поетски фестивал.

Скопски поетски фестивал/Фото – Facebook

Од организацијата на фестивалот велат дека понудената програма е скусена поради немањето поддршка од страна на Министерство за култура, но и дополнително е скратена поради актуелната состојба со ковид во државата. Поддршка на фестивалот годинава се Град Скопје, Младинскиот културен центар – Скопје и винаријата „Стоби“.

Учесници поети: Павлина Атанасова, Биљана Стојановска, Лира Бојку , Ким Симонсен, Снежана Стојчевска, Диме Данов, Јулијана Величковска, Вонбјошт Ванг, Ива Дамјановски, Владимир Мартиновски, Лидија Димковска, Ана Голејшка Џикова, Ѓоко Здравески, Танос Гогос, Марија Дејановиќ и Сергеј Тимофеев.
Учесници ликовни уметници и графички дизајнери: Зоран Кардула, Ване Костуранов, Никола Пијанманов, Андреј Павлов, Воскресија Андреевска, Тони Попов, Марио Каев, Калин Маловски, Диме Данов, Александар Иванов, Наталија Лукомска, Филип Мартиновски, Ива Јованова, Владимир Лукаш, Емилија Мишева и Владимир Илиевски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот