За првпат избран „збор на годината“ во македонскиот јазик

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Балканскиот институт за култура и хуманистички науки од Скопје оваа година го започна проектот „Збор на годината“ кој се засновува на материјал од комуникацијата на македонски јазик, пишува Радио МОФ.

Според анализата, петте зборови на годината во македонскиот јазик за 2021 година се: вакцинација, антитела, акција, иновација, протокол.

Ова е прва ваква анализа која се однесува на македонскиот јазик, a проектот е предводен од лингвистот д-р Емил Ниами, кој со група помлади истражувачи во периодот од 1 ноември до 5 декември извршиле комплетно истражување на достапниот материјал.

„Откако ја проучивме и целосно ја совладавме методологијата на анализата, пристапивме кон истражувањето. Заедно со помладите колеги поминавме многу часови во читање и во слушање, а потоа и во анализа на материјалот. Она што е несомнено важно е дека изборот е направен според критериумот на актуелност на лексиката, односно во изборот не влегува таканаречената секојдневна лексика без која е невозможно постоењето, а исто така и личните имиња и кратенките. Општоприфатената методологија ја приспособивме на македонскиот јазик и неговиот лексичко-граматички строеж, па оттаму сме сигурни дека и добиените резултати се релевантни и научно засновани“, објаснува Ниами.

При анализата на податоците се користени сите можни средства преку кои се пренесува информација на македонски јазик, односно, од традиционалните – радио, телевизија, весници и списанија, преку поновите – Интернет портали, сè до социјалните мрежи кои најчесто се користат во земјава (Фејсбук, Твитер, Инстаграм) и печатените и електронските реклами.

„Ова е прв ваков проект во нашата земја, што беше особен предизвик за нас. Една ваква операција, освен што подразбира стручност, изискува и познавање на напредните технологии при истражувањето, како и познавање на новите методологии на анализа на податоци. Иако лично јас на почетокот бев скептичен дека ќе дојдеме до конечен резултат заснован на научно заснована анализа, сепак стручноста на истражувачите предводени од д-р Ниами доведе до посакуваната цел – го имаме зборот на годината“, вели Дарко Несторов извршен директор на Балканскиот институт за култура и хуманистички науки.

„Мошне очекувано од страна на колективот што работеше на лингвистичката анализа, зборот „вакцинација“ се најде на првото место. Оваа лексема во текстовите, во информативните и во дебатните емисии, како и во Интернет-комуникацијата се сретнува со дури петпати поголема зачестеност. Секако, тука треба да ги посочиме и зборовите вакцина и вакцинален кои исто така мошне често се употребувале кај говорителите на македонскиот јазик во 2021 година“, велат авторите на анализата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот