За пропаднатата идеја за Панорамско тркало платени 4,8 милиони евра

За вртелешката „карусел“ во Луна парк се платени 195.000 евра, иако се најавува изградба на нов Луна парк со нови реквизити, а во ЈП Водовод и канализација се откриени непотребно купени цевки за околу 220.000 евра.

Панорамското тркало на кејот на реката Вардар во Скопје требало да чини 18,4 милиони евра, а до април 2019 година се исплатени 4,8 милиони евра, открива Државниот завод за ревизија во извештајот за јавните набавки на јавните претпријатија во Скопје.

„За инвестиционото вложување во изградба на објектот Панорамско тркало, во јули 2014 година, меѓу ЈСП и градежна фирма склучен е договор во износ од 1.128.982 илјади денари. До периодот на вршење на ревизијата, односно до април 2019 година по оваа основа е исплатен значителен износ од вкупно 297.180 илјади денари за изградба на објектот од кој во 2017 година се исплатени вкупно 22.508 илјади денари. Во март 2019 година, градоначалникот на Град Скопје по претходно доставено барање од ЈСП, донел Решение за измена на текот на градбата, со кое објектот е пренаменет во пешачки мост, а последните случувања се однесуваат на уривање на бетонските столбови на кои требало да стои тркалото“, пишува во ревизорскиот извештај.

Ревизорите констатираат дека пренамената на објектот треба да претставува спасување на веќе инвестираните пари, но тие констатираат и дека на растојание од околу 50 метри веќе има изградено два моста.

Во ревизорскиот извештај, како набавка за која нема соодветни докази дека била потребна, е наведена и детската вртелешка „карусел“, за која е склучен договор во износ од 195.000 евра и вртелешката е отстапена на Луна парк во 2017 година.

„Иста таква набавка со ист правен субјект е направена во 2012 година во вкупна вредност од 11.998 илјади денари (околу 196.000 евра н.з.)“, констатира ревизорот и потенцира дека не се јасни причините зошто во 2017 година се набавила вртелешка кога Град Скопје во последните години иницира изградба на нов Луна парк со нови реквизити.

Што се однесува до ЈП Водовод и канализација ревизорот нашол, како што вели, непотребна залиха. Тој открил набавки на цевки во повеќе наврати, за кои се потрошени 222.422 евра, а кои не се користат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот