За половина век Македонија ќе биде со преполовено население

Фото: МИА

Во 2070 година во Македонија ќе има од половина милион до милион и пол жители, покажуваат сите седум проекции на населението што ги изработе Државниот завод за статистика, а кои беа промовирани денеска пред државниот врв во Собранието. Во ниту една варијанта не може да се очекува дека после половина век ќе има повеќе луѓе во земјата отколку сега, а ќе нема повеќе ниту споредено со бројките од еден век порано, од пописот во 1971 година!

Доколу останат почетните параметри од 2022 година кога според пописот имаше 1.832.000 жители, вкупното население до 2070 ќе се намали на 1,3 милион жители. Почетните параметри се неповолни, односно стапката на вкупен фертилитет е за 23 осто помала од потребната за замена на генерацијата, просечниот животен век од 76 години е краток споредено со европските стандарди, а нето-емиграцијата е многу висока и изнесува над 14.000 лица годишно! Главна причина за намалувањето на населението покрај нискиот фертилитет е иселувањето, но од друга страна, ако сопре и ако отсега до 2070 година никој повеќе не се исели, државата сепак во 2070 година ќе брои 346 илјади жители помалку од сега.

Се очекува дека иселувањето ќе биде интензивно до 2050 година, а потоа повеќе ќе нема кој да се иселува и ќе почне процес на доселување, и тоа враќање на нашите пензионирани иселеници, доселување од соседните земји, како Косово, Босна и Србија, како и од Азија и од Африка.

Број на населението во Македонија до 2070 година според проекциите на ДЗС

Проекциите се под претпоставка дека ќе нема војни, ниту епидемии, политичката состојба ќе биде нормална и стабилна, во првата половина на 2030 година ќе бидеме членка на ЕУ и ќе има економски развој.

На промоцијата беше истакнато дека на проекциите итното и ефикасно решавање на демографските проблеми е врвен навионален приоритет, затоа што Македонија во наредните три децении несопирливо ќе се празни.

Актуелната старосна структура, ниските репродуктивни норми на населението, старосниот модел на морталитетот и општествено-економските прилики кои поттикнувачки делуваат на иселувањето се само некои од поважните чинители кои одлучувачки ќе дејствуваат на демографскиот развој на РС Македонија во наредниот половина век. Поекциите укажуваат дека во догледно време тешко може да се очекува подобрување на демографската состојба која и во иднина ќе биде одбележана со намалување на населението и негово многу интензивно стареење“, се вели во Заклучокот на документот.

Демографското закрепнување се очекува кон средината на векот, по влезот на земјата во ЕУ, откако успешно ќе се спроведат општествени и економски реформи.

Успешните реформи би можеле да ги ублажат неминовните економски последици од интензивното стареење на населението кои се простираат од пазарот на трудот, пензиските политики, преку здравствената заштита, до штедењата и пазарот на капитал. Во таа смисла, би требало, покрај останатото, да се врши постојано прилагодување на здравствените политики, воведување политики за стареењето на населението во сите области, а особено спроведување на активни политики за миграциите, не само фокусирани на проблемот со емиграцијата, туку сѐ повеќе и на аспектот на доселувања од други земји“, се додава во заклучокот.

Од Статистика наведуваат дека демографските прогнози се комбинација на хипотезите за кои се смета дека најмногу ќе одговараат на идните демографски промени. За овие проекции се направени девет хипотези, од кои четири за фертилитет (низок, среден, висок и константен), две за морталитет (опаѓачки и константен) и три за миграции (променливи, константни и со нулта миграциско салдо).

Според варијантата на средниот фертилитет, населението ќе се намали за 35 отсто, односно од 1,8 ќе дојде на 1,2 милион жители. Остварувањето на варијантата на висок фертилитет ќе резултира со намалување на населението за 23 отсто и ќе изнесува 1,4 милион жители.

Претседателот Стево Пендаровски рече дека негативната демографија е најголемата закана по националната безбедност и иднината на земјата, но позагрижувачко од неповолните демографски трендови е кога институциите не се свесни за тоа и токму затоа пописите и проекциите на населението имаат за цел да ја презентираат демографската реалност.

– Кога во 2021 година најдовме политичка волја да се преброиме реков дека резултатите ќе нè соочат со нашите најголеми стравови, притоа не мислев на стравови од другите, различните од нас, туку од стравот колку малку нè има – рече Пендаровски.

Претседателот Пендаровски на промоција на проекциите на ДЗС / фото: МИА

Тој предупреди дека најзагрижувачки е што намалувањето на населенито многу повеќе се должи на високата стапка на иселување, отколку на ниската стапка на наталитетот и потсети дека Светскиот извештај за миграции за 2020 ја вброи Македонија меѓу дваесетте држави со највисока стапка на иселување.

Еден од најголемите двигатели на иселувањето е коруцијата. Штетните ефекти на корупцијата ги среќаваме во секоја сфера – зголемена сиромаштија и социјална неправда, загаден воздух, бетонизација на зелените површини, потпросечни резултати во образованието, одложена правда, поделби во општеството. Сето тоа создава амбиент на безнадежност и безпрерспективност кај многу наши сограѓани. Евидентно е дека се повеќе луѓе си заминиуваат не толку заради висината на платата, туку поради неквалитетот на животот – рече Пендаровски.

Вицепремиерот Фатмир Битиќи порача да не ги следиме демографските случувања згрчени, исплашени и во шок, туку во нив да гледаме можност за креирање на поголема инклузивност и негување на човечкиот капитал. Според него, најзагрижувачки е заминувањето на младите.

– За жал, се плашам дека проекциите може да станат реалност и не смееме да ги премолчиме. Веќе се сопнуваме на нив. Некој 20 години ни ги сокривал под тепих, 20 години не преземал ништо, 20 години некој ни ја крадел иднината. Време е за поинаку – рече тој.

Битиќи потсети и дека голем број земји бележат пад и стареење на населението.

Директорот на ДЗС Апостол Симовски, посочи дека проекциите на населението се моделирање на демографската иднина, базирано на претпоставки за движењето на морталитетот, фертилитетот и миграциите.

– Проекциите се алатка на креаторите на политики што ќе им помогне во носење на соодветни мерки – нагласи Симовски.

Од Статистика наведуваат дека проекциите на населението се вид на моделирања на демографската иднина базирани на претпоставки, а усвоените хипотези треба да бидат што е можно поверојатни. Демографските прогнози се варијанта, односно комбинација на хипотези за кои се смета дека најмногу ќе одговараат на идните демографски промени.

За да се изготват прокециите се направени девет хипотези, од кои четири за фертилитет, две за морталитет и три за миграции, а од нив се изведени седум варијанти од кои две се теоретски и неостварливи во реалноста. Поставени се хипотези за нивото на фертилитетот по возраст на жените, за смртноста по возраст и по пол, како и за миграциското салдо и неговата дистрибуција, по возраст и по пол. Сите хипотези се поставени за секоја поединечна година на проекцискиот период 2022-2070.

За фертилитетот се усвоени четири варијанти и тоа: низок, среден, висок и константен фертилитет; за смртноста само две: опаѓачки и константен морталитет, а за миграциите три: променливи (умерени), со нулта миграциско салдо и со константни миграции.

– Остварувањето на хипотезата за среден фертилитет е значително пореално, како поради претпоставката за почетните помалку интензивни промени, така и поради претпоставката за подоцнежното повеќедецениско задржување на исто ниво. Имајќи ги предвид општествено-економските состојби во земјата кои дестимулативно дејствуваат на донесувањето одлуки за раѓања, како и прогнозите дека не е реално да се очекува значително подобрување во наредните десетина години, особено не во доменот на вработувањето, претпоставено е дека сè до средината на 2030-тите ќе биде продолжен падот на фертилитетот и тоа до вредност на стапката на вкупен фертилитет од 1,39 деца по жена. Се очекува дека до тогаш, во потполност би бил завршен процесот на европската интеграција на Република Северна Македонија, што би резултирало со подобрување на општите состојби во земјата, пресврт во насоката и обемот на надворешните миграции и, следствено на тоа, поинтензивно зголемување на нивото на фертилитетот. Растечкиот тренд би бил континуиран, така што стапката на вкупен фертилитет, сè до крајот на проекцискиот период, би достигнала ниво од 1,81 дете по жена – се вели во проекцијата.

За идното движење на смртноста утврдени се хипотези со константен и со променлив, односно опаѓачки морталитет.

– За Северна Македонија се претпоставени позитивни промени во системот на здравствена заштита, вклучувајќи ги и оние од институционална и од програмска природа. Треба да се истакне дека при усвојувањето на хипотезите за морталитет, не се земени предвид можните појави на нови големи епидемиолошки кризи на национално или на глобално ниво, како ни можни избувнувања на воени дејствија или големи други непогоди, кои би можеле значително да влијаат на зголемувањето на смртноста на населението. Усвоените хипотези за промените на морталитетот се базираат на две базични претпоставки. Прво, дека смртноста според возраст константно ќе се намалува, и тоа за сите старосни групи и за двата пола, односно дека постојано ќе се зголемува очекуваното траење на животот. Исто така, претпоставено е дека во првата половина на проекцискиот период, намалувањето на смртноста ќе биде поинтензивно кај женското население, а потоа нешто поинтензивно кај машкото. Со тоа, разликата во должината на очекуваното траење на животот кај жените и кај мажите, од 4,5 години во 2022 година (78,4 кај жените и 73,9 кај мажите), до 2040 година би се зголемила на 5,1 година (84,1 кај жените и 79,0 кај мажите). За втората половина на проекцискиот период, се претпоставува дека би се одликувала со многу ниска, но и натаму опаѓачка смртност кај обата пола, со побрзо одвивање кај мажите. Така, разликата во должината на очекуваното траење на животот по пол во 2070 година би изнесувала 4,0 години (во корист на женското население) – се вели во документот.

И кај проектирањето на идните миграциски текови се поставени повеќе варијанти на хипотези: променливи миграции, нулта миграциско салдо и константни миграции.

– Хипотезата за променливи миграции е поставена врз основа на анализата на проценети миграциски салда и искуствата од земјите кои во изминатите триесетина години го поминаа процесот на пристапување кон Европската Унија и станаа нејзини земји членки. Имено, појдено е од претпоставката дека Република Северна Македонија во наредните десетина години ќе го измине истиот пат и ќе стане земја членка на Европската Унија. Искуствата од овие процеси кај сите земји кои поминаа низ овие транзициски процеси, кажуваат дека во целиот тој период, емиграцијата во поразвиените земји беше интензивна и особено изразена во последните години на транзицијата, како и неколку години по станувањето земја членка. Со јакнењето на економската моќ по влегувањето во Европската Унија, искуствата на поголемиот број од овие земји покажуваат т.н. реверзибилен процес на дел од граѓаните кои претходно се иселиле, но и на имиграција од други земји поради потребата од работна сила, не само поради подобрената економска состојба, туку и поради намалувањето на бројот на работоспособното население предизвикано од споменатите емиграциски бранови – се вели во документот на ДЗС.

За првата деценија на проекцискиот период е претпоставено дека годишното миграциско салдо би било негативно и растечко. Така, во 2031 година, годишниот број на отселени би го надминал за 21,2 илјади бројот на доселените. За наредните две децении е претпоставено дека ќе се случува забавување на иселувањето од земјата, односно намалување на негативното миграциско салдо, што во 2054 година би резултирало со изедначување на бројот на емигранти и бројот на имигранти, односно со нулта миграциско салдо. Таквите промени би биле условени не само од економски и политички причини, туку и од фактот дека популациски малубројната и демографски длабоко остарена Македонија би располагала со значително мал емиграциски потенцијал.

– По достигнувањето на нулта миграциско салдо, од средината на 2050-тите па сè до крајот на проекцискиот период, би продолжило поинтензивно зголемување на разликата помеѓу бројот на доселените и отселените лица, што би резултирало со позитивно и континуирано растечко миграциско салдо. За последната година на проекцискиот период (2070), претпоставено е дека вкупното позитивно миграциско салдо во земјата би го надминало бројот од 6000 лица. Ваквите претпоставки во поглед на миграциските движења се базирани на нужните економски последици од веќе напредното демографско стареење на земјата, кои би се манифестирале со зголемена побарувачка на работна сила. Сето тоа, земајќи ги предвид и искуствата на поранешните социјалистички земји како Чешка, Унгарија, Словачка и Словенија, во кои релативно брзо по приемот во членството на Европската Унија дојде до промена на правците на миграциските текови и кои веќе во првите децении на 21 век станаа нето-имиграциски земји (Дрбохлав, 2009). Многу е веројатно дека имигрантите во Република Северна Македонија најпрво би доаѓале од земјите од регионот (Косово, Србија, Босна и Херцеговина), за подоцна тие, во најголем број, да водат потекло од земјите на Азија и Африка – потенцира ДЗС.

Резултатите од проекциите кои се однесуваат на вкупното население упатуваат на заклучок дека остварувањето на која било од усвоените комбинации на претпоставките за компонентите за движењето на населението, би довело до значително намалување на населението на Република Северна Македонија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот