За подобра соработка со Западен Балкан: Европарламентот ќе отвори канцеларија

Во обид да го подобри својот мониторинг над процесот на проширување на ЕУ, Европскиот парламент планира да отвори нова канцеларија за односи со земјите од Западниот Балкан, пренесе МИА.

Ваквиот предлог се содржи во документ подготвен од страна на ЕП во пресрет на одбележувањето на 20-годишнината од досега најголемиот бран на проширување на ЕУ во 2004 година, кога во Унијата во пакет беа примени 10 нови членки.

Во документот, како што објави „Еурактив“, се наведува дека оваа канцеларија ќе му овозможи на Европскиот парламент поголем надзор над пристапните процеси во соработка со постојните делегации на ЕУ, кои работат во рамките на Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС).

Дополнително, се предвидува канцеларијата да му овозможи на Европарламентот подобра поддршка на земјите кандидати или потенцијални кандидати за членство ЕУ во нивните напори за интеграција во блокот.

Се очекува преку канцеларијата да се зајакнат и односите на ЕП со парламентите на земјите од Западниот Балкан и повеќе да дојдат до израз активностите на европратениците поврзани со процесот на проширување.

Планот за отворање на канцеларијата следи откако лани во ноември Европарламентот отвори свое претставништво во Киев на барање украинската Влада. Покрај во Киев, ЕП има свои канцеларии и во неколку други градови во држави кои не се членки на ЕУ, меѓу кои и во Њујорк, Адис Абеба и Џакарта, каде што тие функционираат како дел од делегациите на Унијата.

За разлика од ова, ЕП има свои канцеларии за врски во секоја земја членка на ЕУ, чија задача е да контактира и соработува со засегнати страни во тие држави, да организира настани и да комуницира со локалните медиуми.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот