За печење прасе се закажува како за на фризер!- се прават листи за претстојните празници

Печено прасе/Фото: Архива

Куманово е град со единствените три лиценцирани фурни на дрва за ваков вид печење, а нивните вработени за “Слободен печат“ велат дека најмногу работа имаат за новогодишните, божиќните празници и семејните слави. Ако сакате да бидете услужени, ќе мора да се најавите барем два дена порано, а печењето се наплаќа по 50 денари од килограм.

Печеното свинско е украсот на новогодишната и божиќната трпеза, а граѓаните не се откажуваат од оваа традиција, иако сега за овој деликатес треба да издвојат и повеќе од 7.000 денари. Специјализираните фурни за печење месо, веќе десеттина дена прават листи на нарачки, бидејќи на една тура може да испечат до 20 прасиња. Куманово е град со единствените три лиценцирани фурни на дрва за ваков вид печење, а нивните вработени за “Слободен печат“ велат дека најмногу работа имаат за новогодишните, божиќните празници и семејните слави. Ако сакате да бидете услужени, ќе мора да се најавите барем два дена порано, а печењето се наплаќа по 50 денари од килограм. Дел од фурните за леб во Скопје исто така примаат нарачки за прасечко печење, а тоа може да направите и во некои од рестораните и месарниците, каде килограм прасечко чини и до 1.500 денари.

-Нашите клиенти си носат заклани прасиња. Тие се проверени и заверени со печат, а ние им наплатуваме од килограм. Само во Куманово има лиценцирани фурни на дрва, оти не е исто ако се пече на плин. Најмногу работа имаме по празникот Свети Аранѓел, а метежот се зголемува сега пред празниците. Нарачки имаме од цела Македонија, но не разнесуваме – велат во фурната „Кумановка“.

Искусните печачи ќе ви кажат дека генерално најдобро прасе е меѓу 26 и 27 килограм жива мера, односно чисто од 17 до 18 килограми. Килограм жива мера за прасе годинава се движи околу 250 денари, колењето се наплатува 500 денари, а печењето од килограм е 50 денари. Секако потребно е граѓаните навреме да резервираат за да не останат без месо, велат во фурната „Тони пром“.

-Печеме исклучиво проверени прасиња. Клиентите сами си купуваат живи прасиња од фармите, потоа ги носат во кланицата во Куманово. Не примаме прасиња купени без печат, односно без здравствена потврда. Низ годините можностите на граѓаните се намалуваат, како паѓа нивниот стандард, а онака како што се одвиваат работите во сточарството, за неколку години ќе гледаме прасиња само на слика“, ни кажаа вработените во оваа фурна.

И во тетовската фурна „Златно прасе“ се согласуваат дека најмногу работа имаат пред новогодишните празници, но и за мрсните слави. Но, се помалку клиенти може да си дозволат цело прасе.

-Порано продаваме прасечко печење на килограм, но сега ги печеме цели. Овој деликатес е украс на целата трпеза, но годинава за него се потребни над 7.000 денари – ни рекоа во тетовската фурна.

Килограм прасечко во месарниците чини околу 400 денари

Годинава има добра понуда на прасечко месо во месарниците, а дел од нив почнаа да го нудат уште од почетокот на ноември. Дури може да се каже дека овој вид месо не бил никогаш поевтин, бидејќи може да се најде по цена од 369 до 400 денари. Има и јагнешко месо по цена од 489 денари за килограм.

-Четврт прасе е најмалку што може да купите, а во зависност дали е задно или предно бутче оди со половина глава или дропче. Годинава има доволно прасечко месо – велат во една скопска месарница. Прасечко може да се купи во месните оддели на дел од трговските синџири, а доколку не се продаде до новогодишните празници, тие се нудат на акција со подарок пиво и нешто поевтино од редовната цена.

Свинската чума ги десеткува фармите

Фармерите брифираат дека сопствениците на прасиња можат да постават каква цена сакаат, бидејќи поради африканската свинска чума, морале да бидат уништени многу маторици. Потребни се четири до пет месеци за да се одгледаат прасиња до колење. Месарите брифираат дека има голема понуда на прасиња, бидејќи биле откупени големи количини, кои биле заклани и замрзнати, а со цел да се постигне добра цена и голем профит за новогодишните и божиќните празници. Така се случува апсурд, прасечкото да е поевтино од пилешкото, но нема голема побарувачка и цените паѓаат, велат месарите.

Цената на прасечкото урива рекорди во регионот

Свинската чума, го десеткуваше свинскиот фонд во Србија, па килограм жива мера чини од 500 до „астрономски“ 750 динари (260 до 400 денари), па дури и повеќе, бидејќи купувачите го даваат она што го бара продавачот, велат одгледувачите на свињи.

Бугарите се традиционалисти и претпочитаат свинско месо, за разлика од потрошувачите во другите земји кои готват мисирка за Божиќ, вели д-р Дилјана Попова – извршен директор на Здружението на преработувачи на месо во Бугарија. Просечната цена на свинското месо годинава е 12 лева (околу 380 денари).

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот