За колапсот не е решение ни семафорот ни полицаецот

Анета Стојковска / Фото: Слободен печат

Не знае човек што е полошо и кога се прави поголем хаос – кога работат семафорите, кои се чини воопшто не се приспособени на сообраќајната фреквенција на одредена крстосница, или кога работите во свои раце ги презема сообраќајната полиција.

Една од најголемите и (досега) неизлечиви „болки“ на Скопје во изминатите најмалку две децении е сообраќајната инфраструктура и регулација, која сериозно заостанува зад потребите на граѓаните. Едноставно, улиците се претесни да ги примат сите автомобили и возила на јавниот превоз. Што е право, со години наназад улиците се реконструираат, но малку од нив се прошируваат, а некакви крстосници на нивоа, големи кружни текови, надвозници, подвозници и други чудесии што би го олесниле сообраќајниот хаос низ градот – нема.

Затоа скопјани секојдневно тенчат нерви при секое одење и враќање од работа кога е сообраќајниот шпиц, без оглед на тоа какво превозно средство користат, со исклучок на оние што имаат среќа патот до работното место да можат да го поминат пеш. Колони возила пред крстосниците и по улиците, патување до дома колку што е потребно време до Прилеп да се стигне. И не знае човек што е полошо и кога се прави поголем хаос – кога работат семафорите, кои се чини воопшто не се приспособени на сообраќајната фреквенција на одредена крстосница, или кога работите во свои раце ги презема сообраќајната полиција. И така секој ден. Тотален, безизлезен хаос.

Ако на ова се додадат и честите протести за разноразни нешта што задолжително се случуваат во периодот кога луѓето се враќаат од работа и со кои тотално се блокира централното градско подрачје, поправките на улиците, исклучени семафори, пренасочувањето возила – тогаш е повеќе од очигледно колку е тешко нормално да се живее и да се функционира во Скопје.

Граѓаните живо се сеќаваат кога пред неколку месеци поради исклучени семафори останаа со часови блокирани по улиците во автомобилите и во автобусите. Со денови потоа траеја препукувањата помеѓу градоначалничката Данела Арсовска и полицијата за тоа кој е крив, а кој е прав. Тоа, како што е вообичаено, ниту доведе до решение ниту ја оправи состојбата во градот.

Центарот за управување и контрола на сообраќајот на Град Скопје е оној кој е задолжен за мониторинг на семафорите и оттаму, во зависност од потребата и метежот, семафорите добиваат контрола на управување, односно колку ќе трае црвеното, а колку зеленото светло. Тие мониторираат 92 семафори, освен ноќе (тогаш немало потреба) и одлучуваат на која колона возила ќе ѝ дадат приоритет за да се одзатне сообраќајот. Се чини ниту тоа не дава резултати.

Очигледно е дека на Скопје му е потребна сериозна сообраќајна стратегија, му треба растоварување, олеснување од моментно безнадежната состојба. И знам дека многумина ќе речат – па нека ги остават луѓето автомобилите дома и нема да има метеж во сообраќајот. И како ќе стасаат сите тие граѓани на работа? Со овој јавен превоз што го имаме? Да не се шегуваме. Можат ли сите со велосипед или пеш? Има ли доволно велосипедска инфраструктура во градот, доволно улици приспособени за велосипедистите и за пешаците? Нема. Затоа што на развој на сообраќајна стратегија не се работи од денес до утре, не во еден мандат, ниту тоа почнува само со еден градоначалник, кој ќе го отфрли сето друго што претходно се подготвувало и се работело на оваа тема.

Дури и велосипедистите сметаат дека во целите на градската Програма за енергетска ефикасност за периодот од 2022 до 2024 година, воопшто не се третирани темите транспорт и урбанистичко планирање, иако и таму може многу да се постигне во поглед на енергетската ефикасност, а да се остане во рамките на надлежностите на Град Скопје. Тие потсетуваат дека Градот е надлежен да донесе Генерален урбанистички план, за планирање на примарната мрежа улици и на дел од сервисните, за сообраќајниот систем на градот, за системот за јавен превоз.

Има како да се реши сообраќајот, има. Само градските, па и државните власти треба да излезат од комфорната зона и да се фатат за работа. Да се предвиди и да се реализира сообраќајна инфраструктура која ќе го предвиди развојот и потребите на градот во наредните (барем) 50 години.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот