Водата наша насушна

Анета Стојковска / Фото: Слободен печат

Кај нас реките се толку загадени што во нив ни рибите веќе „не виреат“. Веќе не знаеме ни како изгледа природната боја на протечните води. Вардар, на пример, е сув и кафеав. А и каков да биде кога пречистителна станица во Скопје дури сега почнува да се гради за да не се испуштаат отпадните води и фекалиите директно во реката.

Пред два дена го одбележавме Денот на водите. Како што си е редот – со пресови, трибини, со ставови на министри и директори за тоа колку е големо значењето на водата за нашата планета и дека треба одговорно да ја користиме и да се однесуваме со овој природен ресурс неопходен за животот на земјата. Годинава одбележувањето беше посветено на подземните води. И така, темите за кои говори светот секоја година се менуваат, но кај нас состојбите остануваат исти.

Загадени реки, езера, извори, стари (и шупливи) водоводни мрежи, губење пивка вода, наводнување со чиста наместо со техничка вода, нејзино користење за индустриски цели. Според податоците на Државниот завод за статистика, во 2020 година од вкупно испуштените води од индустриските капацитети само 15,5 отсто биле прочистени. Тоа е нашиот однос кон ова непроценливо богатство, кое, за среќа, ние сѐ уште го имаме во доволни количества, иако милијарди луѓе во светот немаат пристап до овој елементарен ресурс за живот.

Кај нас реките се толку загадени што во нив ни рибите веќе „не виреат“. Ние веќе не знаеме ни како изгледа природната боја на протечните води. Вардар, на пример, е сув и кафеав. А каков да биде кога пречистителна станица во Скопје дури сега почнува да се гради за да не се испуштаат отпадните води и фекалиите директно во водата.

Последното истражување на квалитетот на водите спроведено од Универзитетот „Гоце Делчев“ покажа дека степенот на загаденост на водите од Дојранско, Тиквешко и Беровско Езеро лани бил во класа 4, што значи дека овие води не ги бива ни за наводнување ни за пливање. Во нив биле детектирани бактерии од фекално потекло.

Дури ни Охридското Езеро не е како што треба, затоа што дел од мештаните езерските води ги користат како депонија за шут и отпад за сето она што веќе не им е потребно по дома. Страшно.

Директорот на скопското јавно претпријатие „Водовод и канализација“ Златко Перински се пожали дека во Скопје има загуба на вода од дури 60 проценти, а и дека таа, изворска вода неконтролирано се троши за миење улици, за наводнување тревници, практика што се надева дека наскоро ќе биде надмината. Кога наскоро? Кој како директор ќе дојде на чело на водоводното претпријатие, сенешто се надева. Како ќе се надмине состојбата кога допрва ќе се правеле анализи каде се губела водата поради старата водоводна мрежа?

Друг проблем е и односот на граѓаните кон водата за пиење. Секој се однесува како да има дома изворче за вода. Со неа се наводнуваат дворови, се полнат базени, се троши како да нема утре. Преку зима се оставаат чешмите да течат за да не замрзнат. Да не правиме муабет колку вода се троши поради неисправна чешма или казанче во бањата. Славината што капе може да потроши до 100 литри вода на ден. Казанчето, пак, се смета за најголем прикриен потрошувач на вода. Од него може да истечат до 300 литри на ден, а ако „протекува“ плус десетици литри дневно.

Затоа, ајде сите да поведеме малку повеќе грижа за водата. Изворот Рашче нè напојува 100 години, но никогаш не може да се предвиди до кога. Климатските промени си го прават своето и водата ќе стане најскапоцениот пијалак во светот. Ако дотогаш не се испозагади секаде.

Државата и надлежните институции мора да се погрижат да се заштитат природните ресурси од натамошно загадување. И подземните и надземните води. Сега и веднаш. А не само еднаш годишно да се потсетуваме колку се тие значајни за опстанокот на целата планета.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот