Во Струга бесправно се поставува споменик на Косово, реагира ВМРО-ДПМНЕ

Фото: Фејсбук

Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ од Струга реагира поради поставувањето камен-темелник за спомен-обележје на брегот на реката Дрим во центарот на градот, за што извести конзулатот на Косово во Струга.

„Надвор од правна рамка, без минимум техничка документација и без гласање по Бадентер, мнозинството во струшкиот совет на 15-тата седница донесе одлука за поставување на спомен-обележје на Косово на кејот на реката Црн Дрим“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

„Без гласот на советниците од СДСМ воопшто немаше да може да се почне таа постапка“, додаваат од партијата, со коментар дека „на кејот на Црн Дрим ќе се гради споменик на друга држава, во време кога спомениците на македонските херои се сквернават и се уништуваат“.

Од струшкиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека ако советниците на СДСМ сакале да искажат благодарност на Косово, тоа можеле да го направат со подигнување на споменик во Косово. Сметаат дека со ова, намерно и свесно некој игра на картата на меѓуетнички тензии.

„Секогаш кога власта ќе процени дека тоа ѝ одговара, се потпалуваат меѓуетнички тензии“, пишуваат од општинскиот комитет на партијата во Струга.

Според објавата на Фејсбук од Генералниот конзулат на Република Косово во Струга, станува збор за спомен-обележје кое се подига во знак на благодарност од Косово за примените бегалци од војната во 1999 година во Струга. Спомен-плочата ќе биде подигната пред зградата на Конзулатот.

Од Општина Струга засега нема реакција, ниту објаснување за наводите од ВМРО-ДПМНЕ дека споменикот се подига бесправно.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот