Во „решавање“ на случајот „Парк“ се вклучи и екс градоначалничката на Битола Наташа Петровска

Фото: Слободен печат/Васка М. Младеновска

Одлуката на општинското раководство парите од Канцеларијата на Европската унија во Скопје, во износ од 400 илјади евра наместо за реконструкција на објектот „Парк“ да се пренаменат за изградба на велосипедски патеки и натаму е во фокусот на вниманието на политичката јавност во Битола.

Недоразбирањата отидоа дотаму што деновиве советниците на СДСМ дури поднесоа информација со докази за сомнеж до Основното јавно обвинителство во Битола дека градоначалникот Тони Коњановски без одлука на Советот и без овластување заедно со секретарот на Општината Битола, донеле одлука да ги пренаменат средствата и потпишаа анекс на основниот договор за европскиот проект „Смарт фор ју ту“.

Во врска со обвинувањата на СДСМ, градоначалникот Коњановски излезе во јавноста со потсетување дека на екс градоначалничка Наташа Петровска да аплицира за реконструкција на објектот „Парк“ никаде од страна на Советот, не е донесена таква одлука.

– Ако ги видите и другите претходни одлуки, за реализација на проекти од европски фондови, во истите стои само назив на проектот, програма, проектни партнери, буџет и евентуално кофинансирање, доколку истото е потребно. Кога дојдовме како локална самоуправа, согледувајќи ги недостатоците во проектот „Смарт фор ју ту“,а сакајќи да воспоставиме соработка со Советот, транспарентно ги претставивме сите факти пред советниците, при што Советот даде согласност за кофинансирање од Општина Битола во проектот „Смарт фор ју ту“ во износ од 296.562 евра, каде е јасно наведена активноста на Општина Битола: Реконструкција на Парк. Не сме морале, но, сме донеле ваква одлука, со точно наведен објект, поради транспарентност и навремена информираност на Советот, за сите постапки кои ги презема општината. По зголемувањето на цените на пазарот и добиеното стручно мислење од јавното претпријатие дека, реконструкцијата на „Парк“ ќе изнесува 801.069 евра, пристапивме на изготвување на потребната документација, за законски дозволена модификација на проектната апликација, во реално неопходен проект, кој чини многу помалку, односно изградба на велосипедски патеки во должина од 5,3 километри. Општина Битола, за жал, по директна заслуга на СДСМ сè уште нема можност да ги искористи парите доделени од ЕУ, а знаете дека нереализацијата значи неуспешен проект. Токму тоа е целта на СДСМ и „Поинаку“, да ја претстават Општина Битола како неуспешна општина која не може да ги потроши европските пари наменски, а не може токму поради нив. Тоа подразбира, неможност за реализација на договореното партнерство и губење на финансиските средства за сите проектни партнери, затоа што без водечки партнер, нема ниту реален проект-потсети битолскиот градоначалник Тони Коњановски.

Случајот „Парк“ кој трае веќе неколку месеци ја предизвика и екс градоначалничката на Битола, Наташа Петровска со отворено писмо да се произнесе во јавноста.

– Имам разбирање за оние, кои во паника од неисполнување на изборни ветувања заради неможност да си обезбедат пари или можеби лошо менаџирани пари, имаат потреба за користење на парите кои биле обезбедени за нешто друго. Токму затоа сакам да порачам, на Битола и требаат и велосипедски патеки и „Парк“. Но, кога изборно ветувавте велосипедски патеки, се надевам не мислевте на парите од „Парк“, оти ако било така, не сте требале да го потпишите договорот на 30.12.2021 кој коректно го оставив непотпишан за да имате можност да нијансирате со свои сугестии. Но, потпишавте. Дополнително во Службен гласник бр.1 од 12.01.2022, стр. 2 објавен е заклучокот на изгласаност на кофинансирањето. Вие ги спроведовте овие активности, не јас, јас само Ви отворив можности (не велам можност) која очигледно е успешно изјаловена, Бог само знае до каде-стои во отвореното писмо на поранешната градоначалничка на Битола, Петровска.

Таа во писмото потсети дека во нејзиниот мандат проциркулирале само низ реализација на проекти по повици од меѓународни извори над 2,4 милиони евра.

– Успешното водење во реализацијата на проектите беше препознаат од релевантни страни, за што Општина Битола дополнително доби грант со кој беше направен пат и водовод до Лавци, дел од улиците во Долно Оризари и набавена опрема во „Комуналец“-потсети во отвореното писмо до јавноста, Наташа Петровска.

Ескалирањето на недоразбирањата околу случајот „Парк“ стигна дотаму што го инволвираа и евроамбасадорот Дејвид Гир, кој за време на неговата посета на Советот на Битола им сугерираше на советниците тие да најдат решение за што ќе се користат средствата на Европската унија а не тој да пресекува кој проект ќе се гради или реконструира.

За време на неговата посета на Битола при отворањето на Пациото во Заводот и музеј, претседателката на Советот Габриела Илиевска му врачи писмо во кое бара од него уште еднаш да го преиспита случајот „Парк“.

– Во име на граѓаните на Општина Битола, ние како советници во Советот ве молиме, пред сè, да ги земете предвид интересите на граѓаните на нашата Општина, при донесувањето одлуки за разрешување на ситуацијата во која се вклучени и Општина Битола и Делегацијата на Европската Унија во Скопје, во врска со проектот „Смарт фор ју ту“. На жителите на нашата општина сега повеќе од кога било им е потребна вашата и поддршката од ЕУ – поддршка за реализација на проекти кои се усогласени со интересите на битолчани, а се потврдуваат низ соодветна законска процедура. Се чини дека ова е најсоодветниот одговор на сите неодамнешни напори за поткопување на интегритетот и важноста на Советот на Општина Битола. Секој исход, освен постојаната поддршка за Битола од страна на Делегацијата на Европската Унија во Скопје, би фрлил сомнеж врз основниот демократски принцип – волјата на мнозинството – и би го загрозил унапредувањето на европските вредности за кои мнозинството советници во Советот на Општината на Битола неуморно се залагаа(т). Сега, Битола е и местото каде, можеби повеќе од кога било досега, се водат важни дискусии, а Советот носи одлуки, имајќи ги предвид најдобрите интереси на граѓаните-стои меѓу другото во писмото на битолските советници до евроамбасадорот Дејвид Гир.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот