Во Даутпашиниот амам е поставена изложбата „70 години од првата Национална поставка (1951-2021)“

Во објектот Даутпашин амам од 9 септември е поставена изложбата со наслов „70 години од првата Национална поставка (1951-2021)“, организирана по повод 70 години од свеченото отворање на првата Поставка во некогашната Уметничка, а денес Националната галерија.

Повеќе од 100 автори со околу 150 ликовни дела (слики, акварели, цртежи, графики и скулптури) подарени и откупени во периодот од 1948 до 1951 година се застапени на изложбата „70 години од првата Национална поставка (1951-2021)“.

Изложбата претставува уште едно потсетување на успешните работни почетоци на галеријата и на огромниот вложен напор на тимот што тогаш ја водел Уметничката галерија (Борко Лазески и Никола Мартиноски), Комисијата за откуп на ликовни дела, чии членови биле извонредните познавачи на уметноста и ликовни авторитети – Димче Коцо, Лазар Личеноски и Димо Тодороски, како и државните институции кои несебично и со голема одговорност дале поддршка и придонеле тогашната Уметничка галерија да прерасне во храм на уметноста и двигател на културниот живот во Македонија.

Во тој период се направени трите најзначајни чекори во постоењето на оваа установа: Даутпашиниот амам е адаптиран во галериски простор, формирана е богата галериска збирка и отворена е првата поставка од ваков вид во Македонија.

На 2 август 1951 година, на свеченото отворање на Галеријата биле изложени дела од современата македонска уметност, дела од современата југословенска уметност, икони од 14 до 20 век, копии од фрески и макети од македонските средновековни цркви.

Погледот кон периодот на почетоците од формирањето на првата Поставка во тогашната „Картина“ или „Уметничка“, а денес Национална галерија на Република Северна Македонија, навидум временски краток, но долг и богат, професионално претставува потсетување за вложениот напор, но и на резултатите кои се за почит и никогаш не треба да бидат заборавени. Куратори на изложбата се Славица Алексоска, Маја Чанкуловска Михајловска и Маја Неделкоска Брзанова.

Поради трагедијата во Тетово и прогласените денови на жалост, изложбата немаше свечено отворање, со што колективот на Националната галерија се придружи кон институциите кои во знак на жалење направија отстапки во своите активности и на тој начин изрази солидарност и длабоко сочувство со семејствата на починатите и повредените во страшната трагедија.

Изложбата ќе биде достапна за широката јавност до 13 октомври, а дополнително ќе биде одреден датум за промоција на каталогот за истата. Според актуелните протоколи, при посета на изложбата задолжително е дезинфекција на раце, носење заштитни маски, како и потврда за вакцинација/прележан вирус, соопштија од Национална галерија на РСМ.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 96, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 11-12 септември 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот