Во цела Македонија нема ниту една вакцина против жолта треска и тифус, а ни профилакса за маларија

Вакцини / Фото: EPA-EFE/DEDI SINUHAJI

Во Македонија не може да се најде ниту една вакцина против жолта треска, тифус, а ни профилакса за маларија која е во форма на апчиња. Министерството за здравство нема набавено вакви вакцини три години па граѓаните патуваат во соседството на свој трошок за да се вакцинираат. Во сите држави од соседството, овие вакцини регуларно се набавуваат и тоа во количини кои може да ги задоволат потребите и на странските пациенти, кои се принудени на ваков „вакцинален туризам“.

Директорот на Центарот за јавно здравје, Бесим Зекири за „Слободен печат“ го потврди проблемот.

-Секоја година распишуваме тендер но ниедна фирма не се јавува и не учествува. Нема последните три години. Известени се во Министерството за здравство и се обидуваме да го решиме проблемот. Исто така проблем е и вакцината против тифус, и за неа не се јавуваат фирмите, вели директорот Зекири.

На граѓаните кои патуваат во африканските и во некои од азиските земји каде е неопходно пред патувањето да се прими ваква вакцина, им преостанува единственото решение – да патуваат во соседството на свој трошок и приватно да ги примат овие вакцини.

-Ми требаше вакцина против жолта треска но во Центарот за јавно здравје ми рекоа дека ја немаат. Во Косово, си закажав термин, отидов и веднаш ја примив, а и антималарици. Платив 60 евра и земав слободен ден од работа за да ја завршам таа обврска, вели соговорник на „Слободен печат“ кој ќе патува во Кенија туристички, а немал можност да се вакцинира во Скопје. И кога ќе се јавите во одделението за епидемилиогија при Центарот за јавно здравје во Скопје, ви велат да одите во Србија, Косово, Бугарија или Грција за да примите вакцина против жолта треска на некој од тамошните државни институти.

Министерството за внатрешни работи има објавено листа на држави за кои се сметаат дека се држави каде постои ризик од инфекција со тропски и карантински болести како маларија, жолта треска, колера итн.

И за дел од средношколците кои што требаше да примат вакцини пред да одат во странство на студии, лани немаше потребни вакцини зашто фармацевтските компании не се јавиле на јавните повици.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот