Влезот на Алтернатива во Владата сè поизвесен: Министерството за информатичко општество е ресорот што ќе се надградува

Африм Гаши
Африм Гаши /Фото: Драган Митрески/ Слободен пеат

Лидерот на Алтернатива завчера се сретнал со албанскиот премиер и го информирал за преговорите со Заев. Ако почетокот на преговорите само малку зависи од одлуката на Алтернатива да се вклучи во македонската Влада, тоа е најмалку што Алтернатива може да направи за Албанија, напиша Гаши на Фејсбук.

Ресорот информатичко општество и администрација ќе биде надграденото министерство што ќе треба да го предводи Алтернатива, ако денеска Централниот совет на партијата одлучи да влезе во Владата, велат за „Слободен печат“ извори од власта. Се чека дали Алтернатива ќе добие виза генералниот секретар Беким Сали да биде министер на здравство, барање на кое инсистира партијата на Африм Гаши за да биде дел од власта, а премиерот Зоран Заев уште не пресекол дали ќе ја даде фотелјата на Венко Филипче. Алтернатива денеска го презакажа состанокот на највисокиот партиски орган за влез во Владата поради погребот на 45-те жртви од автобуската несреќа во Бугарија.

Како што веќе објави „Слободен печат“, Алтернатива ќе прифати две наместо три министерски места, колку што првично барала, ако на едно министерство (во случајов тоа за информатичко општество) му се засилат ингеренциите на ранг на вицепремиер. Втор услов е да го „добие“ Министерството за здравство.

И ДУИ попушта

Очекувањата се дека Алтернатива ќе стане дел од власта. Гаши преку Фејсбук се пофали дека се сретнал со албанскиот премиер Еди Рама и го информирал за преговорите со Заев. Тој потенцира дека ако почетокот на преговорите на Македонија и на Албанија со ЕУ само малку зависи од одлуката на Алтернатива да се вклучи во македонската Влада, тоа е најмалку што Алтернатива може да направи за Албанија.

Ако се потврди договорот за влез во Владата со ресорите информатичко општество и здравство, Алтернатива ќе го реализира барањето уште од првата средба Заев – Гаши, а тоа е освен СДСМ, и ДУИ да отстапи ресор за баланс во Владата и за еднакво споделување на одговорностите. Со ресорот информатичко општество раководи Јетон Шаќири од ДУИ.

Првиот вицепремиер Артан Груби во интервју за ТВ 24 изјави дека ДУИ нема против да отстапи ресори за влез на Алтернатива во Владата.

– Подготвени сме да споделиме одговорност и со Алтернатива за да ја интегрираме земјава во ЕУ. Тоа сакаме да го направиме заедно, да подадеме рака на соработка, да ги споиме нашите програми и да ги имплементираме – рече Груби.

Иако тој најави дека прво ќе има реконструкција на Владата, сепак, според наши извори, ќе се реализира најавата на Заев за нов мандатар и нова влада. Првиот чекор по договорот за влез на Алтернатива во Владата ќе биде назначување на новите директори во претпријатијата што со договорот ќе ѝ припаднат на партијата на Африм Гаши. Министрите и замениците министри на Алтернатива ќе почекаат за избор во Собранието, односно ќе бидат избрани по изборот на нов лидер на СДСМ, кој треба да биде и новиот мандатар за избор на новата влада. Дотогаш пратениците на Алтернатива однадвор ќе ја поддржуваат актуелната Влада. За заменичките министерски места што треба да ги добие Алтернатива остануваат во игра ресорите образование, труд и социјала, култура, земјоделство…

Мицкоски инсистира на предвремени, Груби вели не е време

И додека се чека дефинитивната одлука дали ќе се окрупни владејачкото мнозинство со четворица пратеници од Алтернатива, претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за „Алсат“ повтори дека предвремени парламентарни избори се потребни зашто системот е гнил и нефункционален, а колку подолго останува оваа коалиција на власт, толку повеќе ќе губи народот.

– Заев сега вели дека ќе останел премиер додека не постигнел договор со Алтернатива или со Бугарија, а во суштина треба да биде чесен пред граѓаните и да каже дека е во скутот на Али Ахмети и Артан Груби и дека е уценет, што практично беше условот тој да остане премиер овие 18 месеци – вели Мицкоски.

Според него, како што стојат работите, имајќи ги предвид уставните рокови, предвремени парламентарни избори можат да се случат напролет.

Наспроти Мицкоски, Груби е дециден дека иако на ДУИ ѝ одговара, на Македонија не ѝ се потребни предвремени парламентарни избори без оглед на исходот од декемврискиот самит, иако тој очекува да добиеме датум за почеток на преговори со ЕУ.

– Ни треба стабилност да го имплементираме докрај Преспанскиот договор, Договорот со Бугарија и да ги искористиме максимално европските фондови. Во моментов не сме за предвремени избори туку за реализација на проектите на Владата – рече Груби.

Првиот вицепремиер најави можност за едновремено одржување на парламентарните и на претседателските избори во пролетта 2024 година, бидејќи во мај се изборите за шеф на државата, а во декември парламентарните избори.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот