Власта нема 80 пратеници за Уставот, опозицијата нема 61 за избори

Устав на РС Македонија / Фото: ,,Слободен печат'' / Драган Митрески

Крајот на август најверојатно нема да ја донесе долгоочекуваната разврска околу уставните измени. Напротив, можно е да има дополнителен заплет и продлабочена политичка криза затоа што се очекува спикерот Талат Џафери да не го стави на гласање предлогот за потребата од уставни измени, ако власта не обезбеди двотретинско мнозинство од 80 пратеници.
Според Деловникот за работа на Собранието, расправата за предлогот за уставни измени е ограничена на десет дена, по што би требало да се гласа, но Џафери, претседателот на Собранието, најави дека може и да не се гласа веднаш по претресот туку тогаш кога ќе се обезбеди мнозинство. Слична најава стигна и од министерот за надворешни работи Бујар Османи, кој рече дека рокот за уставни измени е до крајот на мандатот на актуелната власт, односно до летото 2024 година.
Најавите од власта дека уставните амандмани нема да бидат изложени на неуспешно гласање, не се совпаѓаат со инсистирањето на опозицијата да се оди на предвремени парламентарни избори откако гласањето ќе пропадне, но засега е нејасно на кој начин ВМРО-ДПМНЕ ќе изнуди предвремени избори ако владејачката коалиција СДСМ-ДУИ реши да владее до крајот на мандатот.

Деловникот овозможува да не се гласа веднаш

Пред годишните одмори спикерот Џафери најави дека без потребното мнозинство точката нема да ја стави на гласање.

– Тоа го предвидува Деловникот, а го покажува и практиката со слични иницијативи за уставни измени. Не можам да претпоставам што ќе се случува, но формално Собранието ќе почне со расправа на 18 август, а дали чинот на гласање ќе биде по завршување на расправата или ќе биде одложен, зависи од конкретната состојба на деновите во кои тече расправата – рече Џафери.

Според уставните експерти, не е логично, но е деловничко, да се одложува гласањето за одлука за која е строго ограничено времето за расправа.

– Актуелниот Деловник му дава можност на спикерот Џафери да не го стави на гласање предлогот за потребата од измени на Уставот, доколку процени дека го нема потребното двотретинско мнозинство. Ако се исцрпи расправата, а тој е сигурен дека нема 80 пратеници, може до недоглед да го одложува гласањето. Такви примери имаше и во минатото – во 2015 година десет амандмани за уставни измени останаа недонесени. Не е во ред што тоа е оставено да биде така. Може да се злоупотребува за разни политички цели – велат уставни експерти за „Слободен печат“.

Во 2015 година тогашната влада на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ водеше постапка што траеше две години за уставни измени од областа на правосудството, за воведување на институтот уставна жалба, за промена на составот на Судскиот совет итн., која стигна до втората фаза, амандманите беа напишани, а потоа постапката пропадна поради несогласувања во ДУИ.

Богоев: Оптимист сум дека опозицијата ќе се премисли

Потпретседателот на СДСМ Стефан Богоев, и покрај сите категорични изјави од опозицијата дека нема да гласа „за“, во последниот јавен настап изјави дека е оптимист за процесот. Иако пратениците од ВМРО-ДПМНЕ веќе се изјаснија дека нема да учествуваат во расправата за претресот што ќе почне в петок, Богоев сепак очекува дискусија.
– Очекувам дискусија пред сè од опозициските пратеници за да образложат зошто се против. Ние, како и голем дел од меѓународната заедница, немаме чиста слика зошто опозицијата е против. Образложението дека се вршат уставни измени под бугарски диктат е дискутабилно, а треба да објасни и кои ни се алтернативите. Американската амбасадорка Анџела Агелер и другите амбасадори велат дека не може да добиеме подобар договор со ЕУ, преговарачката рамка е на маса и за неа не може повторно да се преговара. Сега е шансата, друга нема да има. Во овие околности треба да одлучиме: или одиме натаму кон ЕУ, или одиме кон изолација – рече Богоев.
Во врска со тоа што власта сега нема 80 пратеници, Богоев сугерира да оставиме да почне дискусијата на пленарната седница.

– Времето ќе покаже што е точно, дали тоа што го зборува опозицијата или ние. За мене е битно да не лицитираме дали петмина се „за“ или двајца се „против“, туку сите 120 пратеници треба да сфатат дека нема подобра преговарачка рамка, дека веќе нема време за губење. Да ја зграпчиме шансата и да ги отвориме поглавјата, со цел Македонија до 2030 година да влезе во ЕУ, што е амбициозна, но не и недостижна цел. Изолацијата е бугаризација, одењето кон ЕУ е македонизација – вели Богоев.

Во врска со можноста уставните измени да пропаднат во Собранието, Богоев рече дека уставни измени што ги почнал еден парламентарен состав мора да се завршат од истиот парламентарен состав, а ако идната Влада посака да ги усвои ќе мора да ја почне процедурата од почеток.
Според уставните експерти, не е предвиден рок кога може да почне нова процедура за уставни измени за иста тема, откако претходната постапка пропаднала, односно не е јасно дали може да се почне веднаш по изборот на владата.
Уставните измени се со цел Бугарите да бидат внесени во преамбулата, како дел од народ, за да се гарантираат нивните права, откако претходно Бугарија две и пол години ги држеше македонските преговори во Брисел под вето.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот