Владата предлага Синдикатот на УКИМ да почека нов Буџет за да им се исполнат барањата за повисоки плати

Ангел Ристов претседател на Синдикат на УКИМ

Премиерот Димитар Ковачевски од Сојузот на синдикатите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ побарал време за да се направат дополнителни пресметки пред донесувањето на Буџетот за новата година.Ова го изјави изјави проф. д-р Ангел Ристов, претседател на Сојузот на синдикатите на УКИМ по средбата со премиерот и министри за нивните барања за повисоки плати и потпишување Колективен договор.

Во изјава за медиумите по средбата во Владата, Ристов рече дека кај премиерот Ковачевски и министрите за економски прашања Фатмир Битиќи и за образование Јетон Шаќири постои политичка волја да излезат во пресрет на барањата на Синдикатот.

– Средбата беше конструктивна. Ги изложивме нашите легитимни барања, аргументи. Од нивна страна беше укажано на многу тешката економска и финансиска состојба. На крајот заклучија дека постои од нивна страна политичка волја да излезат во пресрет на барањата на Синдикатот. Но, побараа малку време да направат одредени дополнителни пресметки зашто во периодот што доаѓа е донесувањето на Буџетот за новата година. Така што, во некое блиско време повторно ќе имаме средба на која ќе бидеме повикани и очекуваме, конечно, да биде позитивно одговорено на нашите барања. Затоа што ако држава не инвестира во високото образование, во науката, тогаш таа држава нема иднина, рече Ристов.

Синдикатот на Скопскиот универзитет бара надминување на исклучително тешката материјална состојба на вработените на УКИМ, бидејќи имаат најниски плати во регионот, обезбедување достоинствен живот на наставниот и ненаставниот кадар и развој на високото образование и науката. Барањата на Синдикатот се потпишување Колективен договор и постепено покачување на платите, по 25 проценти на годишно ниво, за по четири години да се достигне 100-процентно покачување.

– Не се само платите, туку и науката, пристапот до бази, обезбедување литература, гостување во странство. Како вие ќе отидете со 650 евра во Лондон или во Париз, не можете да отидете ниту до Ниш на една конференција, изјави Ристов одговарајќи на новинарски прашања.

Во врска со зголемувањето на платите од 7 отсто, постигнато од СОНК, Ристов одговори дека покачувањето е минимално и дека не ја тангира, како што рече, најзагрозената категорија вработени – ненаставниот кадар.

-Како синдикат ги застапуваме интересите не само на наставниот кадар, туку и на ненаставниот кадар. Тие се во многу тешка и незавидна положба и токму тоа беше и клучниот аргумент за овие наши барања, дека и ним треба да им се помогне во оваа состојба, а не само на наставниот кадар, додаде претседателот на Синдикатот на УКИМ.

За овие барања синдикатот на УКИМ на втори јуни организираше протест пред Ректоратот, по што беше планиран и мирен протест пред Владата. Протестот пред Владата беше откажан поради ветување дека барањата на Синдикатот ќе бидат разгледани од министерствата за образование и наука и за финансии.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот