Владата не се брза: Обврските од Билатералниот протокол за историјата, учебниците и досиејата го чекаат Уставот?

Македонското и бугарското знаме / Фото: МИА

Според аналитичарите, динамиката на исполнувањето на обврските од Вториот билатерален протокол зависи од тоа дали ќе се поминат уставните измени во македонското Собрание, а со неисполнувањето на обврските ѝ даваме дополнителни аргументи на Бугарија против нас

Владата, Министерството за надворешни работи и Министерството за образование и наука не се изјаснуваат до каде е исполнувањето на преземената обврска да се изготви прелиминатен урнек на лекција за 7 одделение на тема Самоилова држава, во согласност со препораката на македонско-бугарската историска комисија. Со Вториот билатерален протокол што лани во јули го потпишаа министрите за надворешни работи на Македонија и Бугарија, двете држави се обврзаа да исполнат повеќе обврски во неколку области, но институциите цела седмица не одговорија на прашањата на „Слободен печат“ до каде се со тие обврски, кои треба да се исполнат паралено со уставните промени.

Деновиве бугарската потпретседателка Илијана Јотова ги критикуваше македонските власти дека не превземаат ништо за да го исполнат договореното со Протоколот и порача дека е време за средба на новата политичка влада Бугарија со македонската влада.

Со потпишувањето на Билатералниот протокол лани Бугарија се согласи да го тргне ветото за македонските преговори за членство во ЕУ што го стави во 2019 година, но со услов отварањето на преговорите да биде во две фази, а втората фаза ќе се случи откако Македонија ќе ги внесе Бугарите во Уставот. Според аналитичарите, динамиката на исполнувањето на обврските од Вториот билатерален протокол зависи од тоа дали ќе се поминат уставните измени во македонското Собрание, а со неисполнувањето на обврските ѝ даваме дополнителни аргументи на Бугарија против нас.

Арсовски: Треба да се покаже добра војла

Аналитичарот Петар Арсовски вели дека евентуалниот негативен исход во Собранието од обидот да се смени Уставот ќе значи и дека нема волја, односно дека мнозинството граѓани не двааат поддршка ниту за спроведувањето на тој Протокол.

– Ако го споредиме со првиот билатерален проткол меѓу Скопје и Софија ќе видиме дека во вториот јазикот на обврските е засилен. Нема изрични наредби за Историската комисија, но има термини како „ја охрабруваме Комисијата“, „ја поттикнуваме…“ итн. Тоа е за идните решенија на Комисијата, но она што досега е договорено, секоја нивна формулација треба да се почитува. Во Вториот протокол е наведено дека се што ќе договори Комисијата има определен рок во кој треба да се имплементира во учебниците итн. и ние треба тоа да го исполниме, затоа што сме се обврзале. Во оваа фаза се работи за симболика и за покажување на добра волја. Да не ѝ даваме на Бугарија дополниелни аргументи против нас, кои дефинитивно ќе ги искористи на наша штета ако не ги спроведеме обврските – вели Арсовски.

Тој додава и дека ако дојде до промена на власта во Македонија евентуалната нова Влада може да го смени и составот на Историската комисија.

Бугарската потпретседателка Јотова деновиве потсети дека според потпишаните заеднички протоколи Македонија има обврски за промени во учебниците, за оценување на историските датуми и личности и за отворање на досиејата.

– Не се осмелувам ни да помислам дека новата бугарска влада ќе отстапи од веќе воспоставената бугарска позиција, која не е само на официјалниот кабинет, туку и на претседателската институција и на Народното собрание. Не смеам ни да помислам дека ќе има чекор назад. Ако Бугарија со новото министерство за надворешни работи и со новата влада ја преиспита својата позиција во смисла сега да ги почнеме преговорите и работите ќе се регулираат сами по себе, бидејќи, патем, се слушаат не еден или два такви „совети“, тоа значи национално предавство – рече Јотова.

Многу обрски, малку исполнувања

Копретседавачот на Истриската комисијата од македонска страна Драги Ѓоргиев неодамна информираше дека до крајот на годината се планирани уште три средби во периодот од септември до декември. Со двата состанока што досега се одржаа во февруари и во март оваа година ќе бидат одржани вкупно пет средби на историчарите, што е речиси двојно помаку од препорачаното во со вториот протокол. Историската комисија досега усогласи препораки за учебниците по историја за петто одделение за Бугарија и за шесто одделение во Македонија.

Со Протоколот Владата освен обврската да подготви лекција за седмо одделение за Самоиловата држава, презела обврска и до почетокот на учебната 2023-2024 година да ја промени содржината на учебникот по географија за седмо одделение заради неосновани етнички и територијални претензии.

Освен за теми од историјата, во Билатералниот протокол се договорени и обврски за спречување на говорот на омраза, како и за рехабилитација на жртвите на репресии во комунистичкиот период и тоа дел мерки треба да се превземат пред, а дел по усвојувањето на уставните измени. Пред да почне втората фаза од преговорите со ЕУ, односно пред отварањето на поглавјата, за делот со говор на омраза двете држави се обврзаа да воспостават соодветна процедура и брзи и ефективни мерки при такви случаи. За рехабилитацијата на жртвите на комунизмот Македонија треба да ја реафирмира осудата и извинувањето за неправдите и репресиите од југословенските комунистички власти против граѓани врз основа на нивното етно-политичко самоопределување, вклучително и Бугарите. На оваа тема Владата се обврза да ја „создаде неопходната сеопфатна правна рамка за целосно отворање на архивите на репресивниот апарат на поранешните служби за државната безбедност од комунистичкиот период, вклучително полицијата, цивилното и воено разузнавање и контраразузнавање во периодот 1945-1991 година“.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи за време на Преспа форумот најави дека очекува наскоро билатерална средна со колешката Марија Габриел.

Тоа би била прва официјална билатерална средба по подолго време, затоа што Бугарија речиси цела година е со техничка влада, а во тој период односите меѓу двете земји значително се влошија. А претходно, бугарската влада на експремиерот Кирил Петков и македонската влада предводена од Димитар Ковачевски договорија значителна билатерална соработка со пет работни групи во повеќе области, кои интензивно се среќаваа до падот на владата на Петков минатото лето.

 

Што препорача Комисијата за царот Самоил?

За царот Самоил Комисијата го препорача следниот текст: „Цар Самоил е владетел на голема средновековна држава, којашто поголемиот дел од современата историска наука ја смета за Бугарско царство со центар во територијата на денешна Република Северна Македонија. Тоа опфаќа значителен дел од земјите и населението на Балканскиот Полуостров. Цар Самоил и неговата драматична судбина се симбол на заедничката историја, којашто се споделува од двете современи држави Република Северна Македонија и Република Бугарија. Заедничката комисија им предлага на двете влади, во духот на потпишаниот двостран Договор, одбележувањето на цар Самоил да биде знак на споделени вредности и вистинско добрососедство и пријателство“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот