Владата ќе ја намалува разликата град – село: Директна финансиска поддршка од 13 милиони евра за 129 нови проекти

Влада на РСМ / фото: Драган Митрески - Слободен печат

Директна финансиска поддршка од 13 милиони евра за 129 нови проекти ќе бидат распределени во општините и планските региони во државата преку Програмата за регионален развој

Договори за финансирање на проектите, од кои 29 се за планските региони, а 100 за општините беа потпишани во Владата. Парите се наменети за развој на локалната патна инфраструктура, изградба на градинки, набавка на урбана опрема и подбрување на квалитетот на животот на граѓаните. Според вицепремиерот Фатмир Битиќи, целта е да се намали диспаритетот во социоекономскиот развој на државата и поделбите на село и град и да ја подобриме целокупната општествена благосостојба.

Во државава од осумте региони најразвиен е Скопскиот плански регион, а најмалку развиен регион е Североисточниот плански регион. Од Бирото за регионален развој претходно истакнаа дека се внимава да се усогласи развојот меѓу планските региони, каде што најмалку развиениот плански регион добива најмногу пари.

-За жал, се наоѓаме во ситуација кога разликата помеѓу најнеразвиениот регион – Североисточниот, со најнеразвиениот – Скопскиот, е еден спрема седум. Тој јаз не може да го адресирате ако немате конзистентни политики кои се инкорпорираат во сите различни програми на Владата. Граѓаните заслужуваат квалитетен живот без разлика каде живеат. Затоа и инвестираме во подобра инфраструктура, патишта, канализација, развој на туризмот и енергетиката – рече Битиќи.

Според министерот за локална самоуправа Ристо Пенов, во овие проекти нема да има нетранспарентност и трошењето на средствата што се доделуваат е целосно покриено од владините институции – Државниот ревизор, УЈП… Според пенов, оваа програма е посебно интересна затоа што е законски предвидлива и овозможува преку локалните власти да бидат финансирани не само инфраструктурни, туку и енергетски, културни и социјални проекти.

-Поставуваме фотоволтаици на покривите на училишта во Кичево, Струга Радовиш, доградуваме школа во Пласница, Во Македонски Брод е реконструирана општинската згарда, за Штип е набавено комунално возило, во Кратово е уреден центарот… Преку донации од амбасади и програми од ЕУ за пограничните градови се обидуваме да ги изедначиме разликите меѓу општините. Секако дека овие средства не се доволни. Но, покрај нив има проекти финансирани од министерствата за транспорт, екологија за труд и образование. Ќе продолжиме, заедно со УНДП, да им овозможиме на општините поуспешно да учествуваат во изработката на проектните апликации – објасни Пенов.

Тој е дециден дека ќе има зголемена контрола за трошењето на буџетските пари.

-Кај овие средства нема да злоупотреби, бидејќи тие се целосно се под контрола на владините институции, преку ревизорот и другите надзорни. Ги следиме проектите во реализацијата од почеток до крај. Кај другиот тип на трошење на буџетски средства постојат други инструменти за контрола, бидејќи ние како Влада не смееме да биде директно инволвирани, поради процесот на децентрализација – одговори Пенов на новинарско прашање, кој ќе го контролира трошењето на овие средства.

Во последните години се зголемува буџетот за регионален рамномерен развој преку поддршка на регионални проекти за развој на општините, а со овие средства ќе го надмине законски предвидениот износ од 1 процент од БДП, информира Рамиз Реџепи, директор на Бирото за регионален развој.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот