
ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Влатко Митовски: Ќе изградиме нов саем во Гази Баба
Тоа што ние сакаме да го направиме како политичка партија, но и јас како некој што одлично ја познава Општината Гази Баба е на граѓаните да им понудиме реална и остварлива програма. Не некоја бајка или програма од преку 150 страници, којашто во период од четири години е невозможно да се реализира. Затоа и пред да почне кампањата имавме маалски средби во сите населени места, Гази Баба има голем на населени места вкупно 25, од кои 10 урбани и 15 рурални. Разговаравме со луѓето кои се нивните проблеми и направивме листа од приоритети. Гази Баба има урбани и рурални подрачја и во Булачани и Раштак за жал во 21 век немаат континуиран доток на вода. Затоа на тие граѓани таму им ветивме дека водоснабдувањето ќе го решиме еднаш за секогаш. Не може во тие населени места да ветуваме кино сали или други интересни содржини, а основното како човекова потреба, тие да го немаат, вели Влатко Митовски каднидатот на СДСМ за градоначалник на Општина Гази Баба.
Препорачано
Митовски во претходниот мандат беше директор на општинското комунално претпријатие и вели дека имал одлични односи со претставниците на сите политички партии. Тој ветува дека ќе најде начин на Скопје да му го врати саемот, кој беше срушен за да му направи место на новиот мол во Автокоманда.
– Пред неколку дена заедно со кандидатката за градоначалник на Скопје, Каја Шукова ја разгледувавме можноста за изградба на нов „Скопски саем“ и заклучивме дека местото му е во Гази Баба – вели тој, нагласувајќи дека поранешниот градоначалник на Гази Баба од редовите на неговата партија Борче Георгиевски, ја наследил одлуката за рушење на скопскиот саем од неговиот претходник.
Во последен период, населбата Автокоманда е преполна со градежни активности и тоа на граѓаните им предизвикува голем проблем во сообраќајот и во паркирањето на своите автомобили.
– Донесен е мораториум за издавање на градежни дозволи во последната година во општината. Сметам дека се работи за една популистичка пи ар мерка токму пред локалните избори, за да се намали тој гнев од граѓаните за сите градежни дозволи кои се издадени во минатиот период. Сметам дека треба малку политичка храброст, за што години и години назад сите громадначалници го ветуваат, а тоа е или зонско паркирање или катни гаражи, но до сега сè уште никој нема преземено ништо. Вчера видовме дека градоначалникот кажа дека е веќе одобрано соодветеното решение за зонско паркирање во Автокоманда, меѓутоа сметам дека не е доволно образложено како луѓето ќе паркираат, односно кој ќе биде начинот на функционирање на тоа зонско паркирање. Дали ќе биде резидентно, а тогаш што правиме со оние жители во Ќерамидница, коишто секојдневните потреби ги обавуваат во Автокоманда. Што е со жителите од руралните делови на општината – прашува кандидатот на СДСМ.
Митовски ветува и изградба на мост во правецот на Ново Лисиче, со што Гази Баба ќе добие уште едно патно поврзување со соседната Општина Аеродром.
– Еден мост веќе е во завршна фаза, оној кај салата Јане Сандански и Ќерамидница, меѓутоа сè уште не е довршен, така што е добро да има уште еден мост кој би се направил од улица Перо Наков до булевар АСНОМ, а тоа е некаде на потегот од „Лајка“ кај претоварната станица „Вардариште“ до последна автобуска 5 во Ново Лисиче. Имаме еден правец каде само ќе треба да се пробие нова улица и да се изгради нов мост. Сметам дека за таквите проекти ќе треба поддршка, дали од влада, дали од европски фондови, кредити и така натаму. Меѓутоа, тоа се значени проекти кои значат развивање на Општина Гази Баба – додава Митовски.