ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Студенти на УКИМ го прават првиот болид во Македонија

Студенти на УКИМ прават болид /Фото: „Слободен печат“, Драган Митрески

Има ли Македонија генијалци и иноватори? Што креираат генијалците и по што се издвојуваат од своите врсници? Колку иновации има во државава и колку се иновативни нашите поединци, а на колку се работи? Прашања на кои малкумина го знаат одговорот. „Слободен печат“ ќе се обиде преку серијал да обезбеди барем мал дел од одговорите и да им даде шанса на генијалците и на иноваторите да ѝ ги претстават своите креации и идеи на пошироката јавност. Креатори на игри, успешни шахисти, инженери, научници, балерини… се само дел од ликовите што ќе бидат дел од нашиот серијал. Се надеваме дека на ваков начин ќе ја поттикнеме јавната свест но и надлежните институции да се издвојуваат повеќе средства за оваа намена, да најдат начин да ги промовираат нивните идеи онаму каде што треба за подобро утре за сите нас. Воедно, ова нека биде и отворен повик до сите што сакаат да ги споделат своите успеси и иновации со нас, но и со целата јавност, да се пријават на официјалната имејл-адреса.

Паола Укајдари, Никола Талевски и Масимо Тасевски се дел од  тимот од 20 студенти на УКИМ кој работи на првиот тркачки автомобил во земјава. За себе велат дека се тим со посветеност и голема пасија создаден од студенти од Машински Факултет – Скопје и Факултет за електротехника и информациски технологии при УКИМ.

Посебно се горди бидејќи го претставуваат УКИМ како единствениот „Формула Студент тим“. Преку нивното знаење целта им е да го изградат првиот македонски формула тркачки автомобил, истакнувајќи ги инженерските вештини на нашата држава. Со изградбата на овој болид сакаат да ги постават основите за идните генерации особено преку вклучување на жените во мотоспортот и инженерството.

Студенти на УКИМ прават болид /Фото: „Слободен печат“, Драган Митрески

Паола Укајдари е една од учесничките во проектот. Таа вели дека целта им е да го претставуваат УКИМ и да го направат првиот македонски болид.

– Нашиот тркачки автомобил ќе се натпреварува на натпреварот „Формула Студент“. Тој се одржува во дваесет земји низ светот, учествуваат над шестотини универзитети но глобално ниво и сакаме да бидеме и ние дел од тие универзитети и да докажеме дека и ние имаме вредност. Да видат дека нашите студенти се доволно паметни и можат да бидат многу успешни. Јас во овој тим работам на изработување на седиштето, воланот, а исто така правам пресметки за безбедноста на возачот. Работам на делот кој е за безбедност при удар-вели Укајдари.

Таа објаснува дека главните предизвици им се спонзорствата, инженерскиот дел не е толку тежок. Објаснува дека веќе се готови, но сега е најтешкиот дел каде што треба да добијат поддршка, дел финансиска, дел во делови, но за жал засега ја немаат.

Никола Талевски вели дека неговата улога во „Формула Студент“ моментално е развивање на системот за вшмукување, односно за внес на воздух во моторот, за негов работен режим.

Студенти на УКИМ прават болид /Фото: „Слободен печат“, Драган Митрески

– Во овој момент ја развиваме големината на пленумот, го проектираме рестрикторот и дотокот на воздухот на самиот мотор. При изработка на овој дел очекуваме да наидеме на пречки, а мојата експертиза е околу поврзувањето на механичкиот дел на моторот и електронските единици-вели Талевски.

Масимо Тасевски има улога околу пилотирање на самото возило и тестирање на практичниот дел откако ќе биде завршено возилото на пролет, некаде во март месец.

– Во текот на летните месеци очекуваме да се претставиме во најдобро светло и да освоиме некоја висока позиција на натпреварите. Нашиот тим има петгодишна стратегија за натпреварување, како за спонзорите, така и за практикантите-учесници во овој натпревар. Нашите натпревари би се одвивале во Хрватска, но исто така, кога би имале доволно ресурси би се натпреварувале и во некои други држави низ Европа-вели Тасевски.

Делови за болидот /Фото: „Слободен печат“, Драган Митрески

Тој ги повикува студентите да се придружат во нивниот тим кој за прв пат ќе се натпреварува на една од познатите локации на интернационалниот натпревар „Формула Студент“.

Делови за болидот /Фото: „Слободен печат“, Драган Митрески

Целта на натпреварот е да се изработи автомобил, со кој студентите ги градат своите вештини и успеваат да ги применат знаењата кои ги стекнале во текот на студирањето, но и да научат практични работи кои нема да ги сретнат на ниедно друго место.

Целото интервју на колешката Агнеса Чаволи погледнете го во продолжение:

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот