ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Штрковска за Википедија: Нам ни требаат онлајн извори, Бугарите имаат, ние немаме

Снежана Штрковска - Википедиа / Фото: "Слободен печат" / Драган Митрески

Најголемата дигитална енциклопедија во светот „Википедија“ денеска прославува 23 години постоење. Основана е во 2001 година во Америка од двајцата иницијатори Џими Вејлс и Лери Сангер, тогашната верзија била оскудна и само на англиски јазик, денес содржините на Википедија можете да ги читате на 326 јазици.

Над 140.000 текстови на Википедија се на македонски јазик. „Википедија“ на македонски е достапна веќе 21 година.

Википедија е замислена да ја работат волонтери, така е и кај нас, така е и во светот. Луѓе кои не се платени да пишуваат. Тоа го прават луѓе кои пробале, виделе кои се правилата и им станало интересно да надополнуваат знаење кое утре некој друг ќе го чита, вели за „Слободен печат“ на Слободна ТВ, Снежана Штрковска, претседател на огранокот „Викимедија МКД“.

Како долгогодишен википедијанец Штрковска вели дека и таа лично се одлучила да стане дел од Википедија затоа што на корисен начин си го пополнувала слободното време.

Тоа е корисен волонтеризам. Ние сме мала земја, мал процент од луѓето зборуваат на македонски јазик. Како здружение се обидуваме да ги едуцираме луѓето кои сакаат да пишуваат, а понекогаш и ги мотивираме со награди, се со цел да се збогати нашата Википедија. Има луѓе коишто живеат на страна во Нов Зеланд, Германија, Австралија и пишуваат за „Википедија“ на македонски, објаснува таа.

Секој може да пишува на „Википедија“, потребни се само основни познавања на работа со компјутер и желба. Вратите за нови волонтери се отворени. Бројката на волонтери варира во зависност од периодот.

 Од ученици од средните училишта побројни се жените. Понекогаш правиме обуки само на жени. Преку Вики-клубови правме кампови за учениците каде поминуваат неколку денови забава, но паралелно објавуваат статии, со нив бевме во Берово, Маврово, Дојран … Правиме тематски натпревари „Запознај ја …“ тие се однесуваат на некоја држава, па волонтерите во период од еден месец треба да објавуваат текстови за таа држава. Понекогаш во тој период се објавуваат и по 1000 статии. Најдобрите добиваат награди, вели Штркова.

Ако побарате податоци за Кирил Пејчиновиќ на Википедија на англиски ќе наидете на податокот дека тој е Бугарин. Ако пак појдете на Википедија на македонски, таму стои дека е Македонец. Штрковска вели дека тој судир за теми постои и кај другите држави.

Исто може да видите различно напишано и за Никола Тесла во зависност од тоа дали читате на Википедија на хрватски или на српски. За тоа не може да се има многу контрола. Сите држави имаат судир на некои теми, не постои соседна држава која нема судир на некоја тема. Администраторите на Википедија на англиски треба да ги убедиш. Не сакам да напаѓам никого, но ние за многу теми не сме можеле да им дадеме онлајн извори на зошто е тоа така, зошто го тврдиме тоа, зошто ние сме го учеле тоа така. Нам ни требаат онлајн извори, Бугарите имаат, ние немаме, вели таа.

Целиот разговор  со Снежана Штрковска погледнете го во продолжение:

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот