ВИДЕОИНТЕРВЈУ| Марјан Бојаџиев: Ако се реши корупцијата и буџетскиот дефицит, тогаш ќе одиме напред

Марјан Бојаџиев /Фото: Слободен печат/ Слободан Ѓуриќ

Македонија има просечен економски раст од 1,4 проценти во последните 30 години. Ако споредиме што направила Македонија од 1945 до 1975 година, тоа е како сега да лансираме ракета на Марс, неспоредливо е!Ако се реши корупцијата и буџетскиот дефицит, тогаш ќе одиме напред

Која политичка партија и да биде на власт, за да постои развој на земјава, треба да се решат две клучни работи – корупција и буџетски дефицит, порачува универзитетскиот професор Марјан Бојаџиев. Тој вели дека најновиот извештај на Светска банка, според кој Македонија е на најниско ниво по економски раст и со највисок буџетски дефицит, е уште една потврда на она што со децении се случува во државава.

– Македонија има просечен економски раст од 1,4 проценти во последните 30 години. Ако споредиме што направила Македонија од 1945 до 1975 година, тоа е како сега да лансираме ракета на Марс, неспоредливо е! Во многу слични услови, други источни земји постигнале многу повеќе. Македонија, од осамостојувањето до денеска, го зголемила БДП за 3 пати, Унгарија за 6 пати, Чешка за 9 пати, Полска за 10 пати. Замислете кај ќе бевме ние да имавме 3 пати поголем БДП од овој што е сега, да сме имале ниво на развој како Полска. Просечната плата сега немаше да биде околу 500 евра, туку колку во Хрватска, околу 1.200-1.300 евра. Тоа е неодговорност на нашата генерација искрени да бидеме. Држава не може да се прави без економија. Тоа е како да возите велосипед, ако не одите доволно брзо, ќе застанете и ќе паднете – вели Бојаџиев во интервјуто во утринската програма на „Слободен печат“.

Според него, неразумно е да најавуваме во среднорочната стратегија за управување со јавниот долг и понатамошен раст на буџетскиот дефицит, во наредните две години.

– Надвор од памет е така ладно да кажеме дека ќе имаме буџетски дефицит од 500 милиони евра. Неодржливо е државата да троши повеќе отколку што прибира, мора да троши помалку за да го врати претходниот долг, тој толку се акумулира што мислам дека е прашање на време кога ќе имаме аранжман со ММФ, ова е неодржливо – смета Бојаџиев.

Тој забележува дека постојат многу примери на нерационално трошење народни пари. Како илустрација, посочува две институции.

– Вкупниот буџет на Центарот за управување со кризи од 2020 до 2024 година се зголемил за 55 проценти, просечната плата од 39.000 на 53.000, вработените од 283 на 340, оперативни трошоци се зголемиле за 37 проценти. Или, еве што се случувало со буџетот на Државно правобранителство – пораст за 126 проценти, пораст на плата по вработен за 66 проценти, пораст по оперативни расходи 70 проценти – вели Бојаџиев.

Тој вели дека постои еден парадокс, населението се намалува, а администрацијата е сè поголем трошок.

– Самата државна администрација за која се одделуваат многу пари од буџетот е неефикасна и со голем простор за корупција и клиентелизам – забележува професорот.

Според него, државниот буџет не само што не е одржлив, туку е и неправеден, а тоа особено доаѓа до израз во предизборието.

– Во предизборен период имаме разни ветувања. Што имаме ние сега? Кој е поспособен од синдикатите, ќе избоксуваат подобри услови. Пред избори се побунија универзитетите и дојде до промени на плати, исто и во културата. Не е работата на сите да се дадат пари, туку само на оние што заслужуваат. Професор на универзитет има 130.000-140.000 денари, повеќе од премиерот, а сите зборуваат за платата на премиерот. Има одлични професори, но има и многу што ништо не работат, никому не продаваат… И такви има 2.000 во Македонија, и никому ништо, советници кај премиерот имаа 55-мина. Велиме немаме доволно работна сила за приватниот сектор, па еве од каде може да се црпи – вели Бојаџиев.

Целото ВИДЕОИНТЕРВЈУ погледајте го во продолжение:

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот