ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Ѓуриќ: Од менаџер на казина по светот, до сопственик на покер клуб во Замбија

Светислав Ѓуриќ/Фото: Приватна Архива

Покер и слот машини, се негово секојдневие. Но не како играч, туку како менаџер. Во овој поинаков свет е повеќе од 34 години. Почнал во скопските казина, но Македонија била мала за неговите квалитети. Англија, Ирска, Малта но и Гана и Танзанија биле неговите места на живеење. Сега е во Замбија. Светислав Ѓуриќ за утринската програма на „Слободен печат“ на Слободна ТВ вели дека ретко кој би ја одбрал Африка како место за живеење, но тој е среќен таму. Гледал како се губат милиони на луѓе кои имаа премногу, но имало и случки кога се губеле и домови и неволно се напуштала коцкарската маса. Сега е сопственик на приватен покер клуб во Замбија.

Во 1991 година почнал да работи во казино. Ги поминал сите казина во државава. Работел на сите позиции. Благодарение на негов менаџер од Македонија завршил ни помалку ни повеќе туку во Африка.

– За Африка мислев дека е земја во која „јадат“ живи луѓе. Но ми се допадна идејата. Добив понуда од човек од Танзанија од едно „мало селце“ од 3 милиони луѓе. Африка е волшебна земја. Она од филмовите го гледаш во живо. Прво дојдов во Танзанија, па во Замбија каде отворив сопствено казино, па оттука во Малави, па Гана, Кенија и пак се вратив во Замбија-вели Ѓуриќ.

Светислав Ѓуриќ/Фото: Приватна Архива/Фото: Приватна Архива

По ова се вратил во Македонија, но не издржал ниту шест месеци. Ги спакувал куферите и заминал за Малта.

-Работев во најголемото казино во Малта цели 5 години. Но не бев среќен. Се чувствував како во златен кафез. На цела Малта има 17 дрвја. Се е камен, карпа и бетон. Сенка ни за лек. Како што поминуваше времето така желбата да избегам од таму беше сè поголема. И правев обиди и експерименти. Хрватска – Загреб, Ирска – Даблин, па дури и Ирак. Од Ирак се вратив на Малта и се обидов да добијам одговор каде сум бил најсреќен-вели Светислав.

Одговорот го добил за 15 секунди. Замбија. И не чекал многу. За два дена се спакувал и дошол во Лусака.

За љубовта кон казината вели дека е од многу одамна. Почнало сосем случајно.

-За тоа е виновен татко ми. Ме однесе на еден состанок со негов пријател кој работеше во казиното во Гранд хотел. Тој момент, кога влегов внатре и кога ја почувствував таа атмосфера, енергија, звукот на жетоните и на топчето, едноставно ме маѓепса. И истиот момент му кажав на татко ми дека ова ќе биде мојата професија-вели Светислав.

Прво казино во кое работел е „Шери“ казино. Ѓуриќ е семеен човек има две деца, ќерка и син. Тие не се родени во Африка, но таму се пораснати. Научиле да зборуваат прво англиски, па потоа македонски јазик. Но сега е сам во Африка.

Светислав Ѓуриќ/Фото: Приватна Архива

-Овде за нив е многу побезбедно отколку во Македонија. И кога ќе завршат училиште ќе имаат многу повеќе шанси да успеат во животот тука отколку во Македонија. Но сега се таму, тоа е нивен избор-вели Ѓуриќ.

За Африка вели дека е прекрасна земја. Во Замбија е вечна пролет околу 29 степени. Има дождовна и сува сезона За белците вели дека мора да се на раководна функција, бидејќи бела кожа за нив е знак за долар.

– Замбија е многу безбедна земја. Многу пристојно се живее. Модерна држава е, со трговски центри. Обично европјаните доаѓаат со предрасуди. Замбија е волшебна, еднаш кога ќе дојдете тука или мечтаете да се вратите или останувате тука-вели Ѓуриќ.

Во оваа држава има само двајца Македонци, но има голема српска заедница. Во моментов има 150 српски семејства.

На Македонците им препорашува да дојдат туристички да ја видат Замбија.

-За работа е многу тешко, мора некој да те викне и да ти најде работа, да ти извади работна виза. Како турист можеш да останеш само 90 дена, но можностите за бизнис овде се многу големи- вели Ѓуриќ.

Целото интервју погледнете го во продолжение: 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот