ВИДЕОИНТЕРВЈУ| Герасимовски: Се празнат училиштата, се зголемува уделот на старото население

Дончо Герасимовски / Фото: "Слободен печат" / Драган Митрески

Колку е поразвиена земјата, толку порано се соочила со демографското стареење. Затоа сега кај нас се случува тренд на иселување на работоспособно население во развиените земји, кои немаат доволно млад кадар – посочува Герасимовски.

Кога старото население, а тоа е она над 65 години, учествува со повеќе од 12 проценти во вкупното население, тогаш тоа е индикатор за стареење на населението, а кај нас тој процент одамна е надминат и сега процените се дека изнесува 17,1 проценти. Македонија веќе е влезена во длабока демографска старост, соочени сме со негативни стапки на природен прираст, а тој тренд, според процените на Дончо Герасимовски, демографски експерт и поранешен директор на Државниот завод за статистика, ќе продолжи и во наредните години. Ваквата состојба, пак, носи последици во однос на обезбедување работна сила, во однос на пружање здравствена заштита, обезбедување пензии, и затоа е неопходно државата постојано да работи на мерки за подобрување на животниот стандард, задржување на младите, но и обезбедување поквалитетен живот на возрасните, апелира Герасимовски, кој гостуваше во Слободна ТВ.

Герасимовски објаснува дека ако некогаш старосната структура на населението сликовито личела како пирамида, односно долу биле најмладите, а на врвот најстарите, сега таа личи на печурка, односно младото население сè повеќе е помалубројно и го сочинува стеблото на печурката, при што работоспособното население е над 50 проценти во вкупното.

– Населението од нула до 14 години е населението што постојано се намалува. Тоа по автоматизам потоа ќе доведе до намалување на населението над 14 години, односно на она работоспособно население со кое располагаме. Од друга страна, тоа работоспособно население постојано се менува, да не речам кај нас и катадневно, само слушаме дека си заминале толку од оваа општина, толку од онаа – вели Герасимовски.

Покрај намалување на бројот на децата до 14 години, Герасимовски забележува и дека се намалува бројот на фертилното население, односно на населението од 14 до 49 години. Така, ние сега се соочуваме со таканаречена „демографска транзиција“, нешто со кое европските, особено балтичките земји, се соочиле пред 40 или 45 години.

– Колку е поразвиена земјата, толку порано се соочила со демографското стареење. Затоа сега кај нас се случува тренд на иселување на работоспособно население во развиените земји, кои немаат доволно млад кадар – посочува Герасимовски.

Тој вели дека сега има повеќе општини во кои бројот на живородени новороденчиња е поголем во странство отколку што се родиле во земјава, во самата општина.

– Независно од тоа што сега има повеќе услови за вработување, сепак животниот стандард, образованието и други фактори влијаат врз иселувањето. А сето тоа има своја цена и за државата – вели Герасимовски.

Тој вели дека и просторно државава се соочува со сериозна депопулација, така што има населени места што останале без население.

Герасимовски заклучува дека Министерството за труд и социјална политика презема мерки за возрасното население, државата, пак, прави напори преку субвенции и други мерки за развој на стопанството и задржување на кадарот, но дека постојано треба да се работи на стратегија за повисок стандард и помал одлив на млади.

Целото интервју погледајте го во продолжение:

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот