Др. Билјана Ќурчиќ - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Др. Билјана Ќурчиќ - Фото Слободен печат - Методи Здравев

ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Д-р Ќурчиќ: Во земјава антибиотици се пијат како суплементи

Антибиотикот не е храна и не треба да се зема без препорака на лекар. Колку повеќе пиеме антибиотици, толку опасноста одредена болест да не помине е поголема. За антимикробната резистенција зборуваме со доктор Билјана Ќурчиќ од приватната болница Аџибадем Систина. Таа вели дека антибиотик се зема буквално за секоја настинка, за вирус, за стомачен вирус.

– Ова сега што го гледаме во сегашноста е последица на нашите навики и она што сме го правеле минатите 10 години, многу интензивно, тоа е дефинитивно злоупотреба на антибиотик. Антибиотикот е веројатно на некое ниво на употреба на суплементи. Тоа го кажуваат статистиките и податоците. Дефинитивно, мораме да ги подигнеме критериумите за тоа во кој момент ќе се решиме да земеме антибиотик. Зашто? Заради тоа што во моментот во лабораториите веќе имаме изолати на инвазивни микроорганизми коишто се резистентни на сите познати антибиотици. Значи, ако досега зборувавме за мултирезистенција, сега веќе зборуваме за панрезистенција, а тоа е тотална резистенција кон сè што постои како антибиотик – вели Ќурчиќ.

Таа објаснува дека од една страна, решението на ова е иновација и ставање во употреба на нови антибиотици, коишто се исклучително скапи, и токсични за употреба, што значи дека нивната употреба не би можела да биде во домашни услови. Тоа би значело дека пациент којшто има инфекција, којашто е предизвикана од таков тип на панрезистентна бактерија, ќе треба да биде хоспитализиран, што дополнително ги комплицира сите работи.

– Тоа е веќе исклучително сериозен проблем којшто се наоѓа на ниво на една инвазивна малигна болест. Бактериите се тркаат со нас, па колку ние употребувавме антибиотици и колку тие антибиотици се со поширок спектар на дејство, толку е поголема опасноста од микробиотска резистенција. Колку подолго време користиме антибиотик толку побрзо бактериите стануваат резистентни на истиот – вели Ќурчиќ.

Таа објаснува дека во Аџибадем Систина веќе три години постои тим за антимикробно препишување на лек. Членови на тимот се клиничките фармацевти, микробиолозите, специјалистите по инфективни болести и во целата таа работа се вклучени сите клиничари коишто треба да препишат антибиотик. Во моментот кога во системот ќе се кликне и ќе се препише одреден антибиотик, таквата активност оди на ревизија од страна на тимот за антимикробно препишување.

Др. Јулијана Ќурчиќ - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Д-р Јулијана Ќурчиќ – Фото Слободен печат – Методи Здравев

– Не е битно само кој тип на антибиотик ќе се препише. Битно е и на кој начин тој антибиотик ќе се дава, дали ќе се дава само еден или ќе се дава комбинација од антибиотици, на колку време ќе се препише, која доза на пациентот ќе му се даде, врз основа на тоа каква му е бубрежната функција, каква му е функцијата на хепарот и така натаму. И она што е најбитно, колку време тој пациент ќе ја прима антимикробната терапија, затоа што не е поентата да се препише само и да се заборави, па пациентот да лежи во болница. За секој пациент се води листа и досие и на тој начин сме убедени дека употребата на антибиотици е навистина оправдана – вели Ќурчиќ.

Таа објаснува дека битно е пробиотиците да се употребуваат и во ситуација кога немаме инфекција, заради тоа што се на некој начин одржувачи на здравјето. Докторката вели дека прво се пие пробиотик, па по два часа пиеме антибиотик. Или ако пиеме антибиотик, после три часа ќе се напиеме пробиотик за да се избегне вкрстеното делување во цревата за да може и едниот и другиот да исфункционираат како што треба.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот