
ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Абдулова: Денес имаме многу дипломирани жени Ромки
Џемилиана Абдулова е културна работничка и претседателка на Ромскиот културен и медиумски Центар „Бариканипе“ од Скопје.
Препорачано
Со години наназад, таа е препознатливо име во борбата за зачувување, негување и промоција на ромската култура, посебно преку делата и гласовите на жените Ромки.
Џемилиана ја нагласи инспирацијата која го формирала нејзиниот активизам:
– Сакам да одам по стапките на мојата мајка и другите жени активистки како мојата мајка – вели таа.
Абдулова од 2016 година води проекти кои опфаќаат културни настани, издавање книги, како и создавање на документарни филмови кои се фокусираат на искуствата и историјата на ромската заедница.
Особено се фокусираат на раскажувањето на животите и борбите на жените Ромки, тема која честопати е маргинализирана.
Во јули 2023 година ја објавува двојазичната книга „A Small Roma Memory Book“, на англиски и ромски јазик. Станува збор за збирка која содржи текстови, лични изјави, фотографии и приказни поврзани со ромската традиција и културната меморија.

„Бариканипе“, центарот кој таа го води, е основан од група млади студенти со желба да остават трајни културни записи за ромската заедница.
-Приказната на „Бариканипе“ започна во 2016 година со идеја на студенти Роми, да ја основаме организацијата и да работиме повеќе на издаваштво, на оставање повеќе книги и литература на ромски и на македонски јазик за идните генерации, бидејќи сметаме дека со оставање на пишаниот збор може да се едуцираат многу наредни генерации и да се зачува тој идентитет и нормално да си го зачуваме нашиот мајчин јазик – објаснува Абдулова.
Таа ни објасни дека називот на организацијата има длабоко значење, „Бариканипе на ромски значи гордост, затоа и пости „Бариканипе“ како организација.
-Горди сме на нашата традиција, на нашите корени, на нашата богата култура и на нашите идентитети.

Центарот е активен на повеќе нивоа. Во декември 2019 година ја промовираше првата научна студија во Северна Македонија посветена на темата за геноцидот врз Ромите во Втората светска војна, дело на Мирдита Салиу.
Во септември 2024 година, „Бариканипе“ организираше промоција на поетска книга на Ибрахим Џемаил од Германија, а редовно соработува и со организации како USAID Roma Inclusion Project и Институтот Ромалитико.

Нивната работа е признаена и од Европскиот ромски институт за уметност и култура (ERIAC), а нивната онлајн присутност на социјалните мрежи служи како канал за споделување на нови проекти, настани и иницијативи со јавноста.
Абдулова останува посветена на својата мисија, а тоа е да го зајакне ромскиот идентитет преку културен израз, образование и женско лидерство.
-Денес имаме многу дипломирани жени Ромки, многу магистри, имаме жена којашто работи во кабинетот на претседателот, имаме адвокатка, имаме библиотекарка, имаме доктори, имаме сестри, имаме навистина успешни жени во сите сфери – потенцира таа.
Нејзината крајна порака за идните генерации е едноставна, но силна.
Џемилиана би им препорачала на сите никогаш да не си го предадат својот сон, туку да си го градат својот сон.
-Ќе успеете, патот е многу трнлив, со многу пречки, но не е невозможно да работите на тоа што го посакувате. Бидејќи сите сме исти и сите можеме да постигнеме многу.