ВИДЕО: Улицата Црниче како лизгалиште, додека граѓаните мака мачат, Кисела Вода и Центар се караат кој е надлежен

Улицата Црниче три дена е под мраз. Граѓаните мака мачат додека се симнат по стрмната улица, и тоа пеш, додека возењето со автомобил претставува опасност и е речиси невозможно. Проблемот, иако е акутен и се појавува само неколку дена годишно, жителите на населбата бараат од локалните власти побрза реакција при чистењето на улиците во зимски услови. Тие особено нагласуваат дека улицата е непроодна и за амбулантни возила или возила на противпожарната бригада.

Улица Црниче, 16 февруари 2021 / Фото: Драган Митрески

– Автомобилот го оставам и цел километар пешачам да дома. Откако паметам ова е првпат улицата да биде неисчистена. Ако продолжи сончевото време можеби ќе се растопи снегот, па ќе ни се олесни движењето, вели еден од жителите кој го сретнавме.

Улица Црниче, 16 февруари 2021 / Фото: Драган Митрески

Друг пак вели дека му се излизгал автомобилот и направил материјална штета како на својот, така и на авомобилот на соседот.

Повозрасните луѓе кои не возат автомобили се плашат да се движат по неисчистената улица поради страв од повреди.

– Мора да излезам за да ги завршам обврските, инаку не би одел никаде, страв ми е да се движам по мразот, може да паднам и да се повредам. Мора да се чисти навреме, за да нема проблеми, рече жител кој живее на улицата.

Улица Црниче, 16 февруари 2021 / Фото: Драган Митрески

Зошто улицата Црниче која е во високата зона на Општина Кисела Вода не е исчистена три дена по снежните врнежи, побаравме одговор Општината.

Улица Црниче, 16 февруари 2021 / Фото: Драган Митрески

-Улицата територијално припаѓа на две општини, Центар и Кисела Вода. Само мал дел е во надлежност на нашата општина. Поради непристапниот терен снегот изминатите два дена се чистеше рачно, а општинските работници исто така рачно фрлаа сол. Во текот на денот ќе биде исчистена и оваа улица, како и останатите улици во цела Кисела Вода, велат од Општината.

Одговор на истото прашање побаравме и од Општина Центар, од каде што ни одговорија дека општинските работници изминативе денови ги чистеле сите улици во Центар меѓу кои и улицата Црниче, но денеска повторно ќе пуштат екипа на терен. Но, и тие информираат дека само мал дел од улицата е во нивна надлежност.

-Улицата само 30 проценти припаѓа на Општина Центар. Ние еднаш веќе таму чистевме, а доколку има потреба повторно ќе пратиме екипа, велат од Општината.

Погледнете во видеото:

Веб редакцијата на весникот Слободен печат, секогаш е на страна на граѓаните, и во рамки на можностите се обидува да ги решава комуналните и останатите видови проблеми. Граѓаните на кои им треба новинарска поддршка можат да се обратат до нашата редакција преку социјалните мрежи или на електронска пошта: [email protected].

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот