ВИДЕО: Стотици цивили масакрирани во етиопскиот регион Тигреј

Политичкиот судир на моќната тигрејска милиција ТЛНФ против владините сили на чело со премиерот Абиј Ахмед прераснува во безмилосна војна, која веќе предизвика масовен егзодус на населението и која би можела да се прошири и на соседна Еритреја

Многу, веројатно стотици цивили се масакрирани во војната во северната етиописка провинција Тигреј што избувна пред една недела, предупреди организацијата за човекови права Амнести интернешнел.

Воениот конфликт во Тигреј не привлекува големо внимание од медиумите, не само поради тоа што временски се поклопува со претседателските избори во САД и есенскиот бран на пандемијата на ковид-19, туку и поради тоа што овој сиромашен регион во срцето на Африка е и физички изолиран од надворешниот свет, без пристап на репортери и без стабилни комуникации, без телефонски врски и интернет.

Но, еден од главните актери во војната лани беше во фокусот на светското внимание од дијаметрално спротивни причини – етиопскиот премиер Абиј Ахмед ја доби престижната Нобелова награда за мир, за посветеноста за решавање на поствоените спорови на Етиопија и Еритреја.

Амнести интернешнел се повикува на изјави на сведоци, кои тврдат дека Народоослободителниот фронт на Тиграј (ТПЛФ) е одговорен за ѕверски убиства на цивили. Претставници на ТПЛФ категорично ги отфрлаат овие обвинувања.

Долготрајната тензија помеѓу етиопските власти и Фронтот, кој практично го управува регионот Тигреј, во минатата недела прераснаа во отворена и жестока војна, во која владините сили користат и борбени летала. Судирите предизвикаа егзодус на цивилното население, кое засолниште побара во соседните земји. Судан згрижи илјадници во бегалски кампови, но бегалци постојано пристигнуваат.

Сведоштва од Мај-Кадра

Активистите на Амнести интернешнел пренесуваат сведоштва дека ноќта на 9 ноември бил извршен масакр на цивили во градот Мај-Кадра, во југозападниот дел на провинцијата. Аматерски фотографии и снимки на мртви тела ги поткрепиле тврдењата дека биле убиени веројатно стотици цивили, и тоа на ѕверски начин – биле избодени или исечени со ножеви и мачети. Според изјавите, жртвите биле наемни работници што не се приклонувале кон која било страна во конфликтот. Сведоци раскажале дека масакрот го извршиле групи лојални на ТПЛФ, веројатно како одмазда за поразот од владините трупи во регионот Лугди.

Депроуз Мучена, директор на АИ за Источна и јужна Африка, ја повика владата во Адис Абеба да ги обнови комуникациите со Тигрeј и да дозволи непречен пристап на набљудувачи, со цел итно да се надмине „ужасната трагедија“.

Обединетите нации соопштија дека конфликтот на северот на Етиопија го спречува доставувањето хуманитарна помош, која е витална за опстанокот на цивилите во овој регион.

Општа блокада, без телефони и интернет

Пресметките почнаа на 4 ноември, кога етиопскиот премиер, нобеловецот за мир Абиј Ахмед, нареди спроведување воена операција како одговор на нападнати касарни во регионот. Заради воената операција биле блокирани сите телефонски и интернет-комуникации, па за дејствата пристигнуваат информации само од штурите соопштенија на владините сили дека „постигнале голем напредок“.

Оваа операција се толкува како обид на премиерот Абиј за конечна пресметка со ТПЛФ, која пред неговиот мандат со години беше најмоќната сила во владејачката коалиција. Народноослободителниот фронт практично е вечен коалициски партнер на сите етиопски влади по 1991 година, кога од власт беше соборен маркистичкиот лидер Менгисту Хајле Марјам. Фронтот имаше главна улога при промената на власта, а потоа неприкосновено владееше во Тигреј – регион на тромеѓето со Судан и со Еритреја – и доминираше на политичката и на економската сцена во Етиопија. Но, кога во 2018 година на изборите победи Абиј со реформистичка платформа, ТПЛФ одби да ѝ се приклучи на коалицијата.

Изминатите две години поминаа во рафали од меѓусебни обвинувања. ТПЛФ тврди дека е цел на прогони и лажни обвинувања за корупција, а Абиј тврди дека лидерите на Фронтот се „бегалци од правдата“, кои се противат на реформите што настојува да ги спроведе во Етиопија.

Право на самоопределување

Нетрпеливоста се продлабочи кога провинциските власти во Тигреј одбија да ја почитуваат одлуката на федералните власти – поради пандемијата да бидат одложени изборите закажани за во септември. Изборите во Тигреј (на кои ТПЛФ победи со 98 отсто од гласовите) владата ги прогласи за нелегални, и како одговор го блокира буџетот за провинцијата. ТПЛФ одговори дека „властите во Адис Абеба се нелегални“ и се повика на членови од Уставот во кои е наведено „безусловното право на самоопределување и на отцепување“.

– Нема никому да дозволиме да ни го одзема нашето со мака стекнато право на самоопределување и автономно владеење – изјави провинцискиот лидер Дебретсион Гебремајкл, герилски ветеран што со години беше вицепремиер и на други високи државни функции во Адис Абеба.

Фронтот го обвинува Абиј дека со реформите сака да наметне унитарен карактер на Етиопија, која уставно е дефинирана како федерален сојуз на девет автономни провинции, поделени на етничка основа. Провинциските лидери го оспоруваат и договорот што Абиј го издејствува со Еритреја, за што му беше доделена и Нобеловата награда, истакнувајќи дека воопшто не биле земени предвид интересите на Тигреј, провинцијата што е директно на границата.

Сојуз со соседите против провинцијата?

Токму поради повеќедецениската нетрпеливост помеѓу ТПЛФ и Еритреја се уште нема епилог на етиописко-еритрејската војна од 1998 до 2000 година. Територијалниот статус на пограничниот град Бадме до денес не е решен. Етиопија сѐ уште не ја спроведе одлуката на комисијата на ОН да ѝ го предаде градот на Еритреја, а тоа не може да го направи без согласност од провинциските власти на Тигреј, кои сега го управуваат.

Поради ова не се отфрла можноста дека и Еритреја би можела да се вклучи во воениот конфликт за да ги постигне сопствените територијални претензии – што беше причина и за војната пред две децении.

Тигрејците се убедени дека етиопскиот премиер Абиј е спремен да направи воен сојуз со поранешниот непријател Еритреја, само за да го уништи ТПЛФ.

Тигрејскиот лидер Дебретсион тврди дека ТПЛФ е спремен „до смрт“ да го брани Тигреј и дека провинцијата ќе биде „гробишта на реакционерите“.

– Нашата армија, нашата милиција и нашите специјални сили се спремни. Не сакаме војна, но ако војуваме, ќе победиме – вели Дебретсион.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот