Спортски терени на кеј 13 Ноември - Фото - Слободен печат - Методи Здравев
Спортски терени на кеј 13 Ноември - Фото - Слободен печат - Методи Здравев

ВИДЕО | Скопските скејт-паркови ем се малку, ем се опасни по живот

Моето дете беше повредено пропаѓајќи во дупка меѓу штиците кои се дел од просторот за рекреација на младите скејтери. Не смее да се дозволи децата да ни се рекреираат и забавуваат на места кои се небезбедни и би требало брзо да се интервенира околу тоа – вели читателка за „Слободен печат“.

Пред 11 години беше отворен првиот скејт-парк во Македонија, лоциран на кејот на реката Вардар. И ако денес поминете оттука, ќе ви стане непријатно од лошата глетка на ова некогаш урбано место, кое како резултат на забот на времето го изгубило дигнитетот. Наместо скејтери ќе ве дочекаат избледени рампи, поголеми и помали дупки, ѓубре, отстранета ограда… На скејтерите одамна не им паѓа на памет да го користат ова место, кое е опасно по живот. Но, за младите, „урбаните делови“ на градот или барем местата што треба да го имаат овој примат, се привлечни за дружење, па така неретко во вечерните часови ќе видите деца како се дружат тука.

Ќерка на наша читателка пред извесно време се повредила од искршените штици во овој скејт-парк. Читателката ни приложи и фотографија од повредата на девојчето.

Приватна архива/фото: Слободен печат

Мајката се пожали до нашата редакција, посочувајќи го скејт-паркот како небезбеден терен, за кој треба да се најде чаре.

– Децата во летниот период најмногу време поминуваат во Градскиот парк, особено во вечерните часови. Тие имаат неколку места кои им се најинтересни и каде најчесто се собираат во поголеми групи, но сите не се доволно безбедни. Едно од помалку безбедните места е секако скејт-паркот. Местото е слабо осветлено, а и не се води сметка за одржување и обезбедување на просторот, па често пати е посетуван и од група насилници на кои единствена цел им е нешто да уништат. Моето дете беше повредено пропаѓајќи во дупка меѓу штиците кои се дел од просторот за рекреација на младите скејтери. Не смее да се дозволи децата да ни се рекреираат и забавуваат на места кои се небезбедни и би требало брзо да се интервенира околу тоа – вели таа за „Слободен печат“.

Спортски терени на кеј 13 Ноември - Фото - Слободен печат - Методи Здравев
Спортски терени на кеј 13 Ноември – Фото – Слободен печат – Методи Здравев

Скејт-супкултурата во Скопје дише на „шкрги“

Главниот град нема доволно скејт-паркови, како што вели долгогодишниот скејтер, двигател на оваа супкултура во нашата земја, Виктор Василевски, денес управител на Масив Скејт-бординг Скопје, со оглед на тоа колкав е бројот на скејтери.

– Скопје располага со три скејт-парка, во Општина Карпош, Општина Илинден и еден кај Жабарот во центарот на Скопје, односно позади Владата на самиот почеток на патеката за рекреирање. Ниту еден не е функционален и безбеден. Сум бил низ повеќе држави на меѓународни натпревари, еве ќе го земам за пример градот Виена, каде што во секој помал кварт има по еден мал скејт-парк со неколку мали скејт-рампи. Кај нас, дали се доволни, можеби ќе звучам нескромно, секако дека не се доволни, со оглед на тоа колку скејтери има, но не само скејтери, скејт-парковите ги користат и BMX возачи (бајкери) како и INLINE-SKATE односно ролер блејдерите. Би сакал тука уште да додадам и дека скејт-паркови треба да има во секој град во државата – рече Василевски.

Спортски терени на кеј 13 Ноември - Фото - Слободен печат - Методи Здравев
Спортски терени на кеј 13 Ноември – Фото – Слободен печат – Методи Здравев

Василевски го избегнува ова место, го вознемирува глетката

– Искрено го избегнувам ова место, но кога ќе го видам скејт-паркот во каква очајна состојба е, тешко може да се опише со зборови, бидејќи пред тој скејт-парк јас заедно со помладата скејтерска заедница од 2010 година, па сè до неговото официјално отворање во 2015 година, правевме импровизирани скејт-рампи кај кејот на Камениот мост. Откако основавме Скејтборд асоцијација го аплициравме скејт-паркот на Денот на идеите на граѓаните, а нашата порака допре до властите и се изгради во времето на Коце Трајановски – се присетува Василевски.

Тој додава дека оттогаш местото е препуштено само на себе, не е одржувано и затоа е доведено во ваква состојба. Наследниците на Трајановски немале слух по ова прашање.

– Како асоцијација многу пати инициравме до надлежните да се санираат детали од просторот, бидејќи организиравме меѓународни натпревари, но ќе признаам дека однапред знаевме дека ќе наидеме на ѕид. Властите во 2018 година ја одбија нашата иницијатива како за санирање, така и за организирање на меѓународниот настан Скопје Челинџ, изговорите не сакате да ги знаете… (Со Коце сте го правеле, нема да го пипнеме тој скејтпарк). Обид имавме и со актуелната гарнитура, но останавме само на празни ветувања – вели Василевски.

Спортски терени на кеј 13 Ноември - Фото - Слободен печат - Методи Здравев
Спортски терени на кеј 13 Ноември – Фото – Слободен печат – Методи Здравев

 

На погрешно место во погрешно време

Според градоначалничката Данела Арсовска, на скејт-паркот не му е местото на Кејот, бидејќи, како што вели таа, станува збор за скапи материјали, коишто не треба да бидат изложени на влага.
Дополнително, додава Арсовска, според член 131 од Законот за водите на минор-коритото на реката Вардар не треба да се гради ништо. Таа е видно изненадена кој и како на нејзиниот претходник Коце Трајановски му дозволил да си гради во овој дел од градот.

– Најголемата грешка е во локацијата на скејт-паркот, покрај влага, овие материјали не издржуваат. Дополнително законот не дозволува градба на минор-коритото е реката Вардар. Кога дојдов на функција го посетив и ова место и побарав да се преземе нешто, бидејќи е навистина небезбедно место. И покрај тоа што не е во функција, децата комотно влегуваат, седат и се дружат таму, не можеш да ги спречиш во тоа бидејќи е пристапно да влезат. Не е во наша надлежност да го дислоцираме паркот, а за негова санација не добивме поддршка од советот и овој градски проблем остана на маргините од несоодветна комуникација помеѓу институциите. Ако мене ме прашувате, да можев веднаш сè ќе тргнев од тој дел на кејот и ќе изградев дрворед како во една развиена метропола – вели за „Слободен печат“ градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска.

Како сопственик на фирма за изградба на скејт-паркови, Василевски вели дека му нема спас на овој скејт-парк.

– Моменталната состојба не е возможно да се санира, потребно е да се изгради нов скејт-парк бидејќи рампите се целосно уништени. Постојат неколку типови на скејт-паркови од различни материјали, изградени од бетон и дрвени материјали. Цената варира од тоа колку рампи би имал и на колкава површина би бил изграден самиот скејтпарк. Јас со моето искуство во денешно време можам да кажам дека цената би варирала од 150.000 евра па сè до 300.000 евра. Тука јас би додал дека скејт-паркот не се користи само во летните сезони, возиме и во зима, потребно е да има покриен скејт-парк кој ќе може да се користи во сите временски сезони – изјави тој.

Спортски терени на кеј 13 Ноември - Фото - Слободен печат - Методи Здравев
Спортски терени на кеј 13 Ноември – Фото – Слободен печат – Методи Здравев

Новите генерации на скејтери вешто го избегнуваат скејт-паркот на Кејот. Ова го потврдува за „Слободен печат“ 21-годишниот скопјанец Дамјан Божиновски.

– Би рекол дека паркот е уништен до степен да не може да се користи како скејт-парк. Многу е незгоден за возење и често се случува да видам некој да падне или да се лизне. Ние не одиме никогаш таму. Поради тоа што сите скејт-паркови биле полуфункционални, во Скопје отсекогаш се возело на улица, и на познати скејт места како „Гоце“ и МОБ. За да бидат скејтерите среќни, лично сметам дека е доволен еден скејт-парк направен по стандарди и во соработка со скејтерите, од издржливи материјали и елементите во него да бидат распоредени на начин кој би ни овозможил пријатно и задоволително возење – вели Дамјан.

Наскоро Скопје ќе добие нов градоначалник, ќе стане ли дел од програмата на идниот прв човек на метрополата безбедното другарување и забава во градот или ќе остане на маргините како споредна работа, останува да видиме. Дали скејтерите заслужуваат подобра епизода? Сигурно, да.

Спортски терени на кеј 13 Ноември - Фото - Слободен печат - Методи Здравев
Спортски терени на кеј 13 Ноември – Фото – Слободен печат – Методи Здравев

 

ВИДЕО | „Одбојка на плевел“ наместо одбојка на песок, на кејот на реката Вардар

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот