
ВИДЕО | Синиша Пекевски, аналитичар: Без апсења и процеси никој нема да верува во Владата
Отсуството на борбата со криминалот и корупцијата во првите 100 дена од функционирањето на Владата на Христијан Мицкоски е евидентно, смета аналитичарот Синиша Пекевски, кој гостуваше во утринската програма на Слободен печат.
Препорачано
Пекевски вели дека без апсења и започнати судски процеси никој нема да верува во искреноста на Владата, дека е подготвена да се справи со корумпираните делови од нашето општество.
– Ако не си ја сработиме нашата работа, а не си ја сработуваме, никогаш нема да влеземе во ЕУ и едноставно нема да се помрднеме од оваа блокада. Моментот кога сериозно ќе започнеме да ја решаваме корупцијата, членови на судски совет, судии, политичари, бивши премиери, министри, ќе бидат во затвор заради дебаклот, криминалот и корупцијата што ги направиле, тогаш можеме да кажеме дека сме се помрднале и Европа ќе го види тоа – изјави Пекевски.
Никаков договор со Бугарија нема да ни помогне во нашиот евроинтегративен пат, смета аналитичарот, доколку ние не си ја завршиме нашата домашна работа, поврзана со функционирањето на правната држава.
– Имавме луѓе поставени на позиции кои апсолутно не го гледаат интересот на Македонија, тие направиле многу штета и тоа треба да биде поука за идните генерации – додава тој.
Пекевски смета и дека Владата на Мицкоски не може многу да се пофали и во економскиот дел од своето работење.
– Тоа што јас го очекував, а и добар дел од луѓето во бизнис-сферата е дека прво ќе се намали корупцијата, значи со намалување на корупцијата или искоренување во некоја прифатлива рамка ќе заживее економијата. Но, носење на инвестиции во кои повторно се вработуваат работници, а ние и така немаме работници, не значи ништо за Македонија. Истите тие се префрлаат од една во друга фабрика. Очекував да се створат услови за водење на вистински бизнис и очекував да се поддржат компании кои извезуваат, кои се високо-технолошки развиени или имаат услови за брз раст – смета Пекевски.
Што се однесува до односите со Бугарија, тука Пекевски тврди дека ВМРО-ДПМНЕ како столб на актуелната влада си стои на предизборните ветувања, односно не попушта во преговорите кога е прашање историјата, идентитетот и јазикот.
Целото интервју со нашиот гостин погледнете го на следниот линк: