ВИДЕО: Продолжува голготата на „заробените“ станари во социјалната зграда во Битола

Фото/Колаж: Слободен печат

Голготата на станарите од социјалната зграда на улицата „Смилевски Конгрес“ број 25 во Битола поради расипаниот лифт, која трае повеќе од две години, продолжува. И покрај сите нивни барања и апели лифтот од зградата, кој повеќе од две години е расипан да се поправи, истиот сè уште е надвор од употреба.

Додека од АД за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор велат дека бараат решение како да го решат овој проблем со лифтот, денеска дел од станарите од оваа социјална станбена зграда во Битола, повторно се обратија до медиумите за молба за помош, за да се реши нивниот голем проблем.

Пред два дена парализираното девојче Соња Димитриевска поради огромните болки кои ги има со забите побарало помош од комшиите да го однесат на забар. Комшиите, кои тој ден биле слободни се собрале да ја слезат долу и да ја однесат на заболекар. Но при слегувањето и качувањето паднале и се повредиле, а ја повредиле и Соња удирајќи со главите во ѕидот.

– Да бев затворена во Шутка подобро ќе ми беше, бидејќи ќе можев барем еднаш денот да излегувам на воздух. Вака не можам да излегувам, а ги малтретирам и комшиите, изјавила Соња по голготата што ја доживеала при слегувањето и качувањето кога ја носеле комшиите на заболекар.

За голготата која ја доживеале при носењето на Соња на заболекар, комшијата Димче вели.

-Соња, која имаше огромни болки од забите најпрво ја кренав јас со мајка и, а подоцна ни се придружи еден комшија. Едвај ја слеговме долу да ја однесеме на забар. При слегувањето двајцата паднавме и Соња ја удри главата, а и јас удрив во ѕидот. На Соња и извадија два заби. Откако и ги извадија забите едвај ја вративме назад дома. Тоа беше хорор. Таа и денес бараше да ја носиме на заболекар, бидејќи сè уште има болки од забите, но за жал не можеме повеќе да ја носиме.

Во овој влез сите се болни и затоа колку и да сакаме не можеме ние комшиите самите да и помагаме, вели станарот Димче Бошевски.

Претседателката на Советот на станари, Вера Мискарова вели дека апелите до станбеното претпријатие досега не вродија со плод и беа залудни.

-Во изминатиов период откако излеговме со нашиот проблем во јавноста имаме само едно известување од претпријатието дека процедурите со тендерот за санација на лифтот не се завршени. Наводно требало да поминат 30 дена за тендерот, па нови 30 дена за изборот, па 30 дена за жалби, па ако пропадне тендерот ќе треба нови 30 дена и така до бескрај. Ова што ни се случува навистина е голгота за сите нас. Јас сум тешко болна и не смеам да се качувам по скали. Едвај дишам. Ни самата не знам што да правам. Не можам да слезам за да си купам нешто за дома да си направам јадење. А состојбата на девојчето Соња Димитриевска, која е парализирана е жалосна. Таа дури вели подобро ќе и биде да ја затворат во Шутка, каде што ќе може да излегува барем еднаш денот, отколку вака како што е сега „заробена“ повеќе од две години во станот, вели претседателката на Советот на станари, Вера Мискарова, која голгота која ја претрпеле при носењето на Соња на заболекар ја снимиле и снимките им ги испратиле на раководните лица во станбеното претпријатие и медиумите.

На прашањето на новинарите зошто не му дадат итност на тендерот Вера изјави дека тие се сомневаат дали станбеното претпријатие воопшто има распишано тендер за поправка на лифтот.

Според зборовите на Вера Мискарова тие за нивната голгота низ која врват се обратиле до комуналната инспекција на Општината Битола, Јавниот правобранител и Владата.

Станарите од оваа зграда ангажирале адвокат и имаат сериозна намера да го тужат станбеното претпријатие во чија сопственост е зградата.

Инаку од Станбеното претпријатие за овој проблем ни изјавија:

– Во врска со вашето прашање за досега преземените активности во однос на надминување на проблемот со функционирање на лифтот во социјалната зграда на улица „Смилевски Конгрес“, АД за изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор од значење за Републиката-Скопје, го посочува следното:

Тендерот за набавка на услуга за тековно одржување и сервисирање на лифтови и лифтовски постројки со кој се бара економски оператор за одржување и сервисирање на лифтови во објекти со кои стопанисува АДИССДП е веќе објавен и ќе биде отворен на средината на овој месец. Во оваа насока посочуваме дека неговата подготовка беше сложена и обемна со оглед на спецификацијата која мораше да претрпи измени поради карактеристиките на дефектот. Изборот за најповолен понудувач ќе заврши веднаш по спроведувањето на сите постапки кои ги предвидува Законот за јавни набавки. Во меѓувреме, тендерската постапка за прв технички преглед и периодични технички прегледи е во поодмината фаза, односно во моментов се врши евалуација. Нашето Друштво има целосно разбирање за проблемите со коишто се соочуваат лицата-корисници на овие станови, поради што максимално го забрзува целиот процес, но тоа мора да биде во рамките на законски предвидените рокови, ни изјавија од АДИССДП Скопје.

Лифтот во зградата „Смилевски конгрес“ бр. 25 се расипа на 31 август 2021 година, кога преку соопштение на влезот од зградата станарите беа известени дека лифтот ќе биде времено исклучен од употреба од страна на одржувачот на лифтот „Елеватор сервис Дооел“ поради констатирани оштетувања на редакторот и дека поради тоа не е безбеден за користење.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот