Спортски терени на кеј 13 Ноември - Фото - Слободен печат - Методи Здравев
Спортски терени на кеј 13 Ноември - Фото - Слободен печат - Методи Здравев

ВИДЕО | „Одбојка на плевел“ наместо одбојка на песок, на кејот на реката Вардар

Неискосена сува трева, запуштен терен обраснат со пиреј, фонтана што непрекинато жубори и го наводнува дивиот џбун околу неа. Осамен кош, искршени избледени клупи на некогашната полна трибина – наместо терен за одбојка на плажа, пред нас гледаме терен за „одбојка на плевел“. Отворени вратички, но никој не влегува да игра. Па кој да игра на вакво напуштено место?!

Тажна е состојбата на спортските игралишта на кејот на реката Вардар во центарот на Скопје. Ова место некогаш придонесуваше за спортскиот дух на градот, а денес? Денес претставува само уште една грда слика на метрополата.

Ни одбојкарски игралишта, ни скејт-парк, ништо не треба да има на кејот

– Законски не е дозволено да се гради или сади на минор-коритото на реката Вардар, според член 131 од Законот за водите. Како им се дозволило на тогашните власти да изградат игралишта, паркови и слично не ми е јасно – вели за „Слободен печат“ градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска.

Управните одбори на надлежните претпријатија се причина за моменталната состојба на игралиштата на кејот, како што вели Арсовска, која кога станала градоначалничка, побарала игралиштата да се стават одново во функција.

– Како и за многуте работи, и за ова не наидов на разбирање. Управните одбори, едноставно, оваа точка ја игнорираат секоја година. Практично не ни стигнува до Советот на Град Скопје да се разгледа овој градски проблем. Дополнително, комуникацијата помеѓу централната и локалната власт е лоша и по ова прашање. Во последните четири години од ниту една државна институција не добивме дозвола да постапиме. Дополнително законската регулатива не дозволува да се гради на минор-коритото, а тоа е тој дел за кој зборуваме. Навистина, не знам како во времето на Коце Трајановски се дозволило да се изградат – вели таа.

Спортски терени на кеј 13 Ноември - Фото - Слободен печат - Методи Здравев
Спортски терени на Кеј 13 Ноември – Фото – Слободен печат – Методи Здравев

Кога веќе постојат, подобро е да бидат употребливи или барем чисти, но со години не се користат. И не само тоа, зјаат неискосени. Арсовска и за ова прстот го вперува во управните одбори на претпријатијата.
Градот нема право ни да ги дислоцира спортските терени.

– Градот Скопје нема земјиште, ние сме единствената општина од сите 81, која нема во сопственост земјиште. Во случајот со игралиштата, ние немаме право да ги дислоцираме од тоа земјиште на друго. За да стане појасно за читателите, и кејот и Градскиот парк се земјишта во сопственост, половина на Општина Центар, половина на Општина Карпош, ние немаме никаква врска. Да имав надлежност, јас веднаш сè ќе иселев оттаму – вели Арсовска.

Спортски терени на кеј 13 Ноември - Фото - Слободен печат - Методи Здравев
Спортски терени на Кеј 13 Ноември – Фото – Слободен печат – Методи Здравев

Скопјани ги користеа игралиштата бесплатно

Одбојкарските игралишта скопјани ги користеа рекреативно бесплатно, но се одржуваа и професионални натпревари.
Идејата да се направи одбојкарско игралиште била на Зоран Карановиќ, поранешен генерален секретар на Одбојкарската федерација на Македонија(ОФМ).

– По примерот на многу светски метрополи ја додадов идејата на тогашниот градоначалник Коце Трајановски, да се направи одбојкарско игралиште. Започнавме со еден терен и сè се одвиваше многу брзо, се направи убава промоција, редовно организиравме турнири, балкански шампионат, меѓународни натпревари… Беа многу убави времиња, очите на медиумите беа вперени на тоа место. Подоцна се отвори уште еден терен, се направија трибини, рефлектори, се играше и во вечерните часови. Градот пулсираше во спортски дух. Терените беа достапни и за граѓаните, рекреативно ги изнајмуваа во текот на целото лето, бесплатно. Кога дојде Петре Шилегов на власт, наидовме на отпор, немаше расположение за понатамошна соработка. Ние оставивме сè, мрежите, топките, сите реквизити во корист на граѓаните. Но, кога дојде Данела Арсовска, ни беше уште потешко да ја продолжиме оваа спортска приказна – вели за „Слободен печат“ Карановиќ.

Последните години Федерацијата кренала раце од овој проблем, како што вели Карановиќ, бидејќи сè се распаѓа во државава.

Спортски терени на кеј 13 Ноември - Фото - Слободен печат - Методи Здравев
Спортски терени на Кеј 13 Ноември – Фото – Слободен печат – Методи Здравев
Спортски терени на кеј 13 Ноември - Фото - Слободен печат - Методи Здравев
Спортски терени на Кеј 13 Ноември – Фото – Слободен печат – Методи Здравев

 

Спортски терени на кеј 13 Ноември - Фото - Слободен печат - Методи Здравев
Спортски терени на Кеј 13 Ноември – Фото – Слободен печат – Методи Здравев

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот