ВИДЕО: Од утре се отвора пунктот за вакцинација и во Драчево

Гужва пред Поликлиника „Јане Сандански“ во Скопје. Фото: Р. Пејовски / Слободен печат

Најавата на новите мерки за заштита од ширење на коронавирусот ги мотивираше граѓаните да се вакцинираат. Пунктовите за вакцинација се преполни, и не можат да одговорат на потребите на сите кои денеска и вчера дојдоа да примат прва или втора доза вакцина. Екипата на „Слободен печат“ денеска беше во поликлиниката „Јане Сандански“ каде што се забележуваше вознемиреност, нетрпение и гнев поради, како што велат лошата организиција на надлежните.

-Јас дојдов за ревакцина, чекам веќе цел час иако имам закажан термин, но има и многу кои се без термини, па се прави гужва. Ама не се виновни луѓето, треба одговорните да направат ред, па после ние кои сме тука, да го почитуваме тој ред, вели една од присутните пред поликлиниката.

Управителот на поликлиниката, д-р Боре Радевски не чувствува одговорност за турканиците за вакцинација. Вели, не требало да се затвори пунктот за вакцинација во „Борис Трајковски“, бидејќи во Јане Сандански има три пати помал капацитет од реалната потреба во моментов.

– Не бевме спремни за толкав број на граѓани кои ќе дојдат кај нас за вакцина и ревакцина. Но, морам да нагласам дека оваа навалица се случува откако беа соопштени новите мерки со кои делумно ќе им се ограничи движењето на невакцинираните. Свесни сме дека има револт кај граѓаните кои чекаат за вакцинирање, но да бидеме реални, капацитетот на пунктот е многу помал во однос на потребата на граѓаните, рече управителот Радевски. 

Тој информира дека поради големите турканици кои се случија претходните денови, од среда ќе биде отворен и пунктот во Драчево.

– Поради голем интерес за вакцинација од утре ќе биде отворен пункт за вакцинација во поликлиниката во Драчево. Сметам дека тоа ќе го преполови бројот на граѓани кои тука ќе чекаат ред за вакцинација, рече управителот на поликлиниката “Јане Сандански”, Боре Радевски.

Во поликлиниката Чаир пак, иако значително помал број на луѓе чекаа ред за вакцина, револтот беше поголем, по што настана и расправија помеѓу здравствените работници и граѓаните.

-Доаѓам прв пат, за прва доза. Не ме мотивираа новите мерки, секако планирав да се вакцинирам, но немав време. Сега, одлучив да дојдам бидејќи ми е нјасно дека без вакцина тешко ќе можам да функционирам, ни рече еден млад наш сограѓанин.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот