ВИДЕО | Новинар ја тестирал една од најбезбедните земји во светот: Го оставил лаптопот во кафуле и си заминал

Фото: Принтскрин/ТикТок

Постојат земји на светот кои се побезбедни од останатите. И додека, почнувајќи од нашата, својата чанта и работи мораме секогаш да ги држиме покрај себе, некаде тоа не е случај.

Во тоа одлучил да се увери и познатиот тиктокер Уптин Саиди, спроведувајќи интересен експеримент.

Уптин Саиди, поранешен новинар на „Си-ен-би-си“, јутјубер и инфлуенсер на своите профили споделува интересни и едукативни содржини за технологија, пари и странски култури.

Неговите објави ги следат милиони луѓе, а неодамна повторно стана вирален, споделувајќи интересен експеримент кој настанал во една од најбезбедните земји во светот. Станува збор за Сингапур.

Уптин одлучил својот лаптоп да го остави на маса во кафуле во Сингапур и да оди на ручек, сакајќи да провери дали ќе го затекне таму кога ќе се врати. Видеото кое трае речиси една минута на ТикТок има над 22 милиони прегледи.

„Оваа земја ја има една од најниските стапки на криминал во светот. Затоа, денеска ќе го оставам мојот лаптоп во случајно одбран „Старбакс“ на еден час, без никому да кажам да внимава на него“, објаснил Уптин.

Понатаму, тој објаснува како Сингапур успеал да го „елиминира“ криминалот, споменувајќи дека еднаш достигнал низа од 250 дена во која не е забележан ниту еден вообичаен вид криминал.

„Тоа значи дека на никого не му бил украден телефонот повеќе од осум месеци во целата земја“, додал Саиди.

Навистина, на крајот на видеото, откако Уптин отишол на ручек во трговскиот центар во близина, неговиот лаптоп го дочекал на истото место.

 

@uptin♬ original sound – Uptin


Овој негов потфат предизвика бројни позитивни реакции кај луѓето, но некои се согласиле дека истото не е случај во нивните земји.

„Во Лондон ќе ти украдат сè и да останеш да седиш покрај лаптопот“, напишал еден корисник, додека друг се надврзал: „Во Јужна Америка ќе ти го земат и лаптопот, и камерата, и микрофонот, и профилот на ТикТок, па дури и презимето“. „Во Берлин, лаптопот за 10 минути ќе се најде на ‘eBay’“, пишувале корисниците на ТикТок.

Поединци истакнале дека и Швајцарија е одлична кога станува збор за безбедноста.

Фото: Принтскрин/ТикТок

Уптин Саиди открил три причини за ниската стапка на криминал во Сингапур. Првата од нив е тоа што „почитта и искреноста се голем дел од културата таму“, втората е дека „основните потреби во земјата се задоволени“, така што луѓето не прибегнуваат кон криминал и третата е надзорот кој е на завидно ниво.

„Насекаде има камери кои штитат од криминал, а последиците од кражби се навистина големи“, објаснил Уптин и додал дека упаѓањето во дом и кражба во Сингапур, покрај парична, подразбираат и затворска казна до 10 години.

Во коментари се јавиле поединечни корисници за кои се верува дека се Сингапурци, кои му порачале на Уптин дека нивната земја не е толку безбедна и дека тој само имал среќа.

Ова не е првпат јутјуберот да сними вакво видео – сличен експеримент спроведе и во 2018 година, оставајќи мобилен телефон, лаптоп и паричник во ресторан.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот