ВИДЕО: Израел го гранатираше Дамаск, има жртви и повредени јавуваат сириските медиуми

Израел ИЗВОР: Twiter

Најмалку пет лица загинаа, а 15 се ранети во израелски воздушни напади врз станбен кварт во сирискиот главен град Дамаск рано утринава, јавија сириските државни медиуми.

Силни експлозии се слушнале во централниот дел на градот околу 12.30 часот по локално време, а сириската државна новинска агенција САНА објави дека сириската противвоздушна одбрана „се спротивставува на непријателските цели на небото околу Дамаск“.

Како што наведува САНА, повикувајќи се на воен извор, меѓу петмината загинати има и еден војник, ранети се 15 лица и „уништени се неколку станбени згради“.

Сириската опсерваторија за човекови права со седиште во Велика Британија, која ја следи војната во Сирија, соопшти дека 15 лица, вклучително и една жена, биле убиени во напади насочени кон локации поврзани со иранските милиции и либанската екстремистичка група Хезболах.

Се вели дека една од целите е иранско училиште во населбата Кафр Суса во сириската престолнина. Израел засега не го коментираше нападот.

Израелската војска често напаѓа цели во близина на Дамаск, а последниот напад беше прв по земјотресот со јачина од 7,8 степени според Рихтеровата скала што ги погоди Турција и Сирија на 6 февруари.

Претходниот напад на Дамаск се случи на 2 јануари, а сириската армија тогаш соопшти дека израелската војска истрелала ракети врз меѓународниот аеродром во сириската престолнина, затворајќи го и убивајќи двајца војници, а други двајца беа ранети.

Израел со текот на годините изврши стотици напади врз цели во делови на Сирија контролирани од владата во Дамаск, но ретко ја презема одговорноста за таквите напади или разговара за нив.

Меѓутоа, израелските власти признаа дека се насочени кон базите на организациите како Хезболах, која испрати илјадници борци да ги поддржат силите на сирискиот претседател Башар ал Асад.

Нападите на аеродромите во Дамаск и Алепо се резултат на стравувањата дека тие би можеле да бидат искористени за испорака на иранско оружје во таа земја.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот