ВИДЕО ИНТЕРВЈУ | Проф. Атанасов: Имаме многу просечно и сиромашно образование, се држи на кревки нозе и не дава квалитет

проф. д-р Петар Атанасов / Фото: Слободен печат/Методи Здравев

Македонските ученици во континутиет покажуваат слаби резултати на ПИСА тестовите на ОЕЦД. На последното тестирање 15-годишните ученици се рангирани на 71. место од 81 држава, а и претходно исто така беа во последните 10 во светот.

-ПИСА е тестирање кое објективно покажува дека имате слабости во образовниот систем и тоа е мерливо. Има многу области кадешто моиже да идентификуваме што нечини во нашиот образовен систем затоа што овие резултати не се случајни. Имаме проблеми од стратешка природа, врзани за тоа што прави владата, министерството, каде се општините, потоа имате проблеми со самите училкишта, кој ги менаџира, квалитетот на наставниците, квалитетот на тоа како се работи, потоа обласит од типот дали образованието е општествено престижна работа да се работи, дали да се влезе во образование, колкави се платите, потоа имате области кои сето тоа го ставаат во циклични кругови како што е општеството, а тоа кај нас има криза, имаме општествена криза која е резултат на сите други кризи, финансиска, политичка, безбедноста и се се прелева и таа општествена криза влијае врз образованието, вели проф. д-р Петар Атанасов во гостувањето на утринската емисија „Слободен печат“.

Веднаш по објавувањето на резултатите од ПИСА алармот се вклучи во многу земји кои покажаа на тестовите по читање со разбирање, математика и природни науки послаби резултати во однос на претходното во 2018 година. Косово кое е убедливо на дното од табелата свика итна седница на владата, загриженост изрази и соседна Бугарија и Албанија поради падот, а дебати за квалитетот на образованието и наставниот кадар се покренаа и во Германија и Шпанија, но не и кај нас.

-Ако децата тешко читаат текст на мајчин јазик и плус не го разбираат тоа што го читаат значи вие имате многу голем проблем. Тоа значи дека вашиот образовен систем не функционира. Можеби не е распаднат, но се држи на кревки нозе, ама не дава никаков квалитет. И сега не зборуваме за децата што се талентирани и се раѓаат такви бистри и освојуваат награди по светот, тоа го имало и порано, го има денес и ќе го има понатаму. Зборуваме за мнозинството деца кои се во образованиот систем на кои вие треба да им дадете нешто. Треба да ги подигнете, треба да ги созреете, треба да ги воспитате, треба да им пренесете нешто, вели проф. Атанасов.

Во последните две децении и владата на Груевски и владата на екс премиерот Зоран Заев се обидоа да направат реформи во образовниот систем но без конкретни резултати. Образованието и покрај сите иницијативи, вели, остана просечно и сиромашно и партизирано.

-Во образовниот систем како и во секој друг систем ако сакате да имате големи промени треба да имате лидер кој ќе има одредена идеја или лидер на група на тим, на идеолози кои ќе постават некаква идеја или некаква програма, стратегија и тоа ќе се обидуваат да го имплементираат. Во времето на Груевски имаше големи проекти и интервенции но тие некако не вродија со плод, многу пари се истрошија. Целите не им беа многу јасни, повеќе се одеше кон дисциплина, кон тренирање строгост, па и кон партизација на оние пониски нивоа или вработувања на партиски кадри. Владите на СДСМ немаа големи идеи ниту проекти, концепчето на Мила Царовска не беше голема идеја и неможеше никој од тоа нешто да направи нешто големо, вели професор Атанасов кој во тој период 10 месеци беше на функцијата заменик министер за образование, но без ингеренции во процесите.

Според него во образованието е направена голема штета со тоа што не се поставувани вистински луѓе на вистинските места, тоа што отсуствуваат обуки за наставниците, подобри плати, мотивација но и нивна поддршка во однос на новата технологија која се користи во процесот на едукација. Наспроти тоа, вели професорот печатењето на учебниците е вносен бизнис во кој владее корупција.

-Нема вистински луѓе на вистинските, места. Доаѓаат партиски луѓе, на погрешни места, со погрешни предиспозиции и без никакво искуство и се учат да бидат директори, министри итн. Еве ги резултатите, не можат да избегаат од тие резултати, нагласува професорот Атансов од Институот за социолошки и политичко правни истражувања.

-Децата треба да ги научиме да учат. Како да се снаоѓаат со податоци, каде да читаат, што да селектираат, како да ги поврзуваат, како да работат во тим, како да го консултираат наставникот или наставничката, што да прават со тие. Кога го имате цело знаење во еден мобилен телефон, кога имате на компјутерот се` што ви треба, вие треба само да ги научите да работат, затоа што песните што ќе им требаат веќе не се ни создадени, тие ќе бидат создадени по 20 години и тука филозофијата на образованието треба да одигра улога. Треба да имате лидер, што ќе ја има таа филозофија во главата, да имате стручни педагози, психолози, кои тоа ќе го моделираат како содржина, потоа доаѓаме до онаа дидактика, до педагошки вештини и еден цел склоп на систем кој мора постојано да работи и да прави квалитет и да го надградувате. Во овој момент ние немаме образовен систем, вели Атанасов.

Целото интервју со професор д-р Петар Атанасов погледнете го во продолжение:

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот