ВИДЕО ИНТЕРВЈУ | Орце Ѓорѓиевски: Институциите спијат, да не се прави циркус со аерозагадувањето во Кисела Вода

Орце Георгиевски - градоначалник на Кисела Вода / Фото: ''Слободен печат'' - Драган Митрески

Инспекциските служби на општината Кисела Вода постапуваат согласно своите ингеренции кога станува збор загадувањето на воздухот од индустриските капацитети во општината. Сепак, постапувањето надвор од ингеренциите на општинските служби може да произведе и кривично дело за кое некој може да ви поднесе и кривична пријава. Во тој контекст сакам да истакнам дека фабриката цементарница Усје има А-интегрирана дозвола и од тука надлежностите за нејзината контрола за загадувањето на воздухот ја има градот Скопје, но тие не знам зошто спијат. Спијат и државните институции за животна средина. Ниту ја толерирам ниту можам нешто да забранам со работа. Апелирам да не се префрла топката и да се прави непотребен циркус со аерозагадувањето во Кисела Вода и Скопје. Ова меѓудругото го истакна градоначалникот на општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски при гостувањето во емисијата „Утрински печат“. Градоначалникот Ѓорѓиевски се осврна и на неговите односи со градоначалничката на Скопје Данела Арсовска.

– Во новата година имаме службени релации и односи со г-ѓа Арсовска. И не можам да кажам дека во новата година имам опструкции од неа, што не беше случај тоа во изминатата година. Сметам дека е недозволиво да се кочат проекти и замисли од било кој на општините а не особено од градоначалник на Скопје за проекти за развој на општините. Сепак се надевам дека соработката со Арсовска оваа година ќе биде подобра од минатогодишната – истакна кратко Ѓорѓиевски.

Ѓорѓиевски зборуваше и за транспарентноста на општината.

– Транспарентноста и отчетноста на општината се едни од приоритетите на мене и мојот тим. Иако не сум запознаен зошто досега на веб-сајтот на општината не е објавен буџетот за оваа година но и завршната сметка за минатата година, се надевам дека тоа ќе се направи во најкраток временски период. Во исто време сакам да истакнам дека поголема транспарентност не се постигнува преку ноќ. Токму во тој контекст сакам да истакнам дека општината во моментов работи на свој нов систем со кој ќе се овозможи поголема дигитализација на општинските услуги – вели Ѓорѓиевски.

Градоначалникот на Кисела Вода во однос на тоа дали има корупција на шалтерите во администрацијата но и кај општинските работници истакна дека тој не е запознаен со некаков пример и во исто време истакна дека ги охрабрува граѓаните доколку имаат такви сознанија веднаш да ги информираат надлежите.

– Обвинувањата од довчерашната власт во општина Кисела Вода дека се трошат пари на граѓаните за партиски вработувања се повеќе од апсурдни, истите се смешни и категорично ги отфрлам. Тоа е така бидејќи кога дојдов на позицијата градоначалник со себе донесов тим од луѓе со кои работам и ги остварувам своите планови и политики. Тоа не се партиски луѓе туку тоа се професионалци кои работат согласно условите во општината. За мене и моето работење нема партија, туку го има само интересот на граѓаните – истакна градоначалникот Ѓорѓиевски.

Ѓорѓиевски зборуваше за буџетот на општина Кисела Вода каде истакна дека е тој е развоен и дека и покрај сите предизвици со кои се соочувале е во добра финансиска кондиција.

-Ние имаме развоен буџет кој што морам да потенцирам дека за прв пат е толку голем, од друга страна пак имаме добра финансиска кондиција и покрај сите предизвици со кои што се соочивме минатава година и сеуште се соочуваме како енергетската, економската криза и така натаму. Сметам дека сме на прав пат од една руинирана општина, знаете Кисела вода важеше долги години за општина во која практично ништо не беше инвестирано. На добар пат сме да ја издигнеме на едно повисоко ниво, ниво какво што заслужуваат моите сограѓани односно секој да добие хумани услови за живот какви што доликуваат во 21 век, рече градоначалникот Ѓорѓиевски.

Тој во текот на своето гостување посочи дека ја наследил општината со долг од 3 милиони, но благодарение на тимот кој соработува со него и домаќинското работење е во финална фаза на расчистување на сите долгови.

-Јас како градоначалник општината ја наследив со некаде над 3 милиони долг. Морам да истакнам дека сме во финална фаза на подготовки на расчистување на сите долгови што говори за домаќинското работење наше, мое и на мојот тим изминатиот период. Од друга страна бевте сведоци минатата година и по планот, по предлогот на буџетот за оваа година можете да видите дека никогаш како досега и се градеше во Кисела Вода, но и оваа година ќе се гради преку развојните програми кои што ги донесовме. Јас морам да истакнам дека тоа го правиме заедно со советниците, затоа што без нивната поддршка градоначалникот не може целосно да функционира и да ги реализира своите проекти, кажа тој.

Ѓорѓиевски исто така потсети дека тој како градоначалник нема трошоци и заштедата од нив се вложиле како интервенција во градинка во Кисела Вода.

– Кога сме кај домаќинското работење јас минатата година јас минатата година имам 0 трошоци за репрезентација, денеска во студиото дојдов со своето приватно возило, значи сето она кое го имам ветено пред моите сограѓани пред година дена, тоа не се некои енормни трошоци, зборам репрезентацијата, горивото, возилото и така натаму, кабинетските трошоци кои во минатото биле илјадници евра, не се према буџетот многу сериозна ставка. Еве ќе споменам сега имавме една интервенција во една од градинките во Кисела Вода, интервенцијата во градинките односно постелнината, нови прозорци и реконструкцијата на кујната беше сработена со парите кои беа заштеда од она што во минатото се трошело како репрезентација, додаде тој.

Повеќе од разговорот со Ѓорѓиевски погледнете во видеото во продолжение…

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот