ВИДЕО ИНТЕРВЈУ | Даниела Спасовска, МАГДА: Младите преку видеоигрите ги пресликуваат соништата

Даниела Спасовска - МАГДА-асоцијација за равивање игри / Фото: ''Слободен печат'' - Драган Митрески

Македонската асоцијација за развивање игри (МАГДА) им помага на младите кои сакаат да ги развијат своите видеоигри и да се пробијат на европскиот и светскиот пазар. Во разговор за „Утрински печат“, еден од основачите на МАГДА, Даниела Спасовска, раскажа за целите на асоцијацијата, процесот на создавање една видеоигра, тешкотиите со кои се соочуваат, подемот на видеоигрите со развојот на технологијата, како и големата конкуренција која постои на пазарот.

МАГДА веќе 11 години во Македонија одржува настанот „Глобал Гејм Џем“, каде младите имаат можност да ги покажат видеоигрите кои тие ги креирале. Стотици графички дизајнери, гејмери, програмери и љубители на овие игри се собраа на двата настана кои на почетокот на февруари се одржаа во Скопје и Битола.

Како што раскажа Спасовска, во Македонија има вкупно 21 студио составени од млади луѓе кои работат на креирање на видеоигри, а работата на МАГДА е потоа најдобрите игри да ги поврзат со европските и светските компании кои потоа ги купуваат нив.

Децата уште од најраните години обожаваат да играат разни игри. Со развојот на технологијата тие сега имаат можност од ова хоби да изградат солидна кариера. Младите имаат голем број примери каде можат да согледаат дека од оваа индустрија, која рапидно се проширува, може да се направи добра живејачка. Можеби најклучниот детал за неа е големиот обем на професии кои зафаќа оваа индустрија.

Доколку еден млад човек не е доволно квалитетен за да се пробие како професионален гејмер или е-спортист, неговиот сон да оствари живејачка од видеоигрите не е згаснат. Како што ни раскажа Спасовска, постојат различни кариери за младите на ова поле, од креирање видео игри, графички дизајн, пишување текстови за е-спорт, снимање видеа за социјални мрежи и слично.

Еден од главните проблеми со кои се соочува оваа индустрија во Македонија, како и другите, е иселувањето на младите. Тие често добиваат попримамливи понуди од странство, каде пазарот е многу поразвиен и каде тие можат подобро да се пробијат, така што земјава за жал ги губи овие млади креативци. Но, бројот на студенти и средношколци кои сѐ уште ги развиваат своите видеоигри во Македонија е голем, па оваа индустрија во државава допрва ќе се развива.

Во разговорот за „Утрински печат“, Спасовска рече дека од државните институции засега нема помош за асоцијацијата.

„Засега само три фирми имаат добиено грантови од Фондот за иновации и технолошки развој и тоа е добро, бидејќи сепак постои некаква поддршка, но МАГДА засега добива поддршка само од странски претставништва“ објасни Спасовска.

Како што изјави Спасовска, секогаш кога тие ќе пристапат до институциите, како Министерството за информатичко општество, тие имаат интерес, но нивните предмети секогаш остануваат „заборавени“.

Во иднина, Спасовска се надева дека МАГДА ќе успее да ја направи земјава попривлечна како земја за странските компании кои креираат видеоигри, за оваа индустрија да може дополнително да се прошири и кај нас.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот