ВИДЕО: Државата не треба да штеди на грбот на студентите, продолжуваат протестите и покрај ветувањата

Протест на студентите пред Собрание/Фото: Слободен печат/Мето Здравев

„Студентски отпор” – организаторот на вчерашниот протест пред Собранието, не е задоволен од договореното на средбата на претставниците на универзитетските собранија со пратениците и министерот за образование и наука, па одново најавија протест, овојпат во четврток.

Вчера организаторите алармираа дека со децении наназад студентот од Македонија е жртва на лошите политики и институционалната пасивност како и дека крајно време е да се спротивстават на уништувањето на студентскиот стандард.

-Барањата се зголемување најпрво на студентскиот оброк од 120 на 150 денари на дневно ниво. Со самиот факт дека Македонија доживува одреден степен на инфлација, потребно е зголемување на финансиската и мотивационата поддршка на студентите. Реконстриурање и реновирање на студентските домови, бидејќи во добар дел од нив условите се катастрофални и нечовечки. Исто така, потребно е изедначување на стипендиите, и оние студенти кои ја земале помалата стипендија, сега да ја земат поголемата. Многу важно барање е студентите да се иземат од антикризните мерки на Владата, бидејќи студентскиот грб не е оној грб на кого државата треба да штеди. Таа треба да си одговара за своите постапки како возрасни и зрели луѓе – политичари!, изјави еден студент на протестот.

-Искрено немам големи очекувања, но мораме да излеземе на улица и да се побуниме. Сепак, се надеваме дека ќе наидеме на разбирање, со надеж дека ако ништо друго ќе имаме барем оброк, изјави друг студент.

– Немаше никаков договор со надлежните институции, па ова беше крајно решение. Се надеваме на поголема масовност и вклучување на студентите во следните денови. Со овој протест го искажуваме нашиот револт, бидејќи само на овој начин може да се чуе нашиот глас, гласот на студентите, вели уште еден соговорник од студентите за „Слободен печат“.

На средбата во Собранието помеѓу претставниците на студентските собранија, пратеници и министерот за образование и наука Јетон Шаќири, а на која присуствуваше и премиерот Димитар Ковачевски, беше договорено субвенцијата за студентски оброк студентите да ја добиваат по старите услови, а до март работна група да најде системско решение за нов закон.

-Во делот на секторот за студентски стандард ќе се испратат сите податоци како е менаџиран делот од електричната енергија во тие студентски домови. Нашите буџетски средства ќе ги ставиме на располагање за реализација на сите проекти и капитални инвестиции. Ќе се потрудиме да реагираме најбрзо што може во следниот период, вети министерот за образование и наука Јетон Шаќири по средбата со студените во Собранието.

– Студентите секогаш имаат право да го кажат својт глас, да ги кажат своите ставови. Наша задача како претставници на Владата е да ги сослушаме студентите и да разговараме со нив со цел да дојдеме до заедничко решение за доброто на сите, потенцираше премиерот Димитар Ковачевски.

Сепак, „Студентски отпор” излезе со нова реакција, наведувајќи дека единственото барање кое е прифатено на средбата е повлекување на измените на Предлог-законот за студентски субвенциониран оброк и дека, поради тоа, нема да отстапат „сѐ додека итно не се реализираат и останатите барања“.

Денеска и Независниот академски синдикат даде целосна поддршка на барањата за заштита на студентскиот стандард. Тие апелираа до надлежните да имаат разбирање за потребите на студентите и да овозможат нормални услови за престој во студентските домови, но и да ги продолжат активностите за реновирање таму каде што се нужни.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот