
ВИДЕО | Четворица загинаа при уривање на зграда во Мадрид
Шпанските служби за итни случаи ги извлекоа телата на четири лица од урнатините на шесткатна зграда што се урна во центарот на Мадрид додека се реновираше за да стане хотел, соопштија локалните власти.
Препорачано
„Со длабока тага потврдуваме дека пожарникарите во Мадрид ги пронајдоа телата на луѓето кои беа исчезнати по уривањето“, напиша градоначалникот Хозе Луис Алмеида на Икс.
Жртвите се идентификувани како тројца мажи на возраст меѓу 30 и 50 години од Еквадор, Мали и Гвинеја-Конакри, кои работеле на градилиштето како градежници, како и 30-годишна жена, архитект на проектот за реновирање, забележува Ројтерс.
Нивните тела беа пронајдени рано утрово, речиси 15 часа откако се урна внатрешната структура на зградата, оставајќи ја нејзината фасада недопрена, во операција за пребарување и спасување во која полицијата и пожарникарите користеа дронови и кучиња трагачи. Уште тројца работници беа повредени.
Работник по име Мајкл пумпал бетон на долните катови од зградата и бил надвор кога се случила уривањето. Тој рекол дека видел голем облак од прашина и веднаш избегал.
„Јас бев првиот што истрча, не ме интересираше ништо друго. Прво ќе го спасам својот живот, а ако можам, ќе ги спасам и другите“, им рече тој на новинарите во вторникот.
Според електронскиот регистар на згради во изградба на Мадрид, имотот е изграден во 1965 година. Тој поминал низ два технички прегледи во 2012 и 2022 година и бил класифициран како „несоодветен“ поради „општата состојба на фасадата, надворешноста, преградните ѕидови, покривот, терасите и водоводниот и дренажниот систем“.
Поранешната деловна зграда, која се наоѓа во туристички погодна област во центарот на Мадрид, во близина на операта и кралската палата, беше претворена во хотел со четири ѕвездички од градежната компанија „Ребилита“, според информациите на нејзината веб-страница. „Ребилита“ не одговори на барањето на „Ројтерс“ за коментар.
Имотот е во сопственост на саудискиот фонд RSR, инвеститор во недвижности специјализиран за луксузни хотели и туристички апартмани во Шпанија и Португалија. RSR го купи за 24,5 милиони евра во 2022 година.
Неговото реновирање, одобрено од општинските власти во декември 2024 година, се очекуваше да трае две години.
ВИДЕО | Се урна зграда во центарот на Мадрид, најмалку четири лица се заробени во урнатините