ВИДЕО-АНКЕТА: Во ЈСП не се само платите проблем, нема доволно возачи ниту сервисери

ЈСП автобус
Автобус на ЈСП / Фото: МИА

Од ЈСП денеска не излегоа ниту со соопштение за да ги информираат вознемирените граѓани дали ќе има превоз или не, а оттаму одамна нема одговори ниту за актуелните секојдневни проблеми со кои се соочуваат граѓаните што користат јавен превоз.

Граѓаните утре нема да останат без јавен превоз затоа што автобусите ќе сообраќаат според актуелниот возен ред и нема да има протест на вработените во ЈСП. Заканата на Синдикатот на ова јавно претпријатие дека доколку не им се исплатат плати, в петок нема да има автобуски превоз, вроди со плод, па денеска по разговори и преговори со директорот Крсте Петревски, конечно платата им е исплатена и најавениот протест е ставен во мирување.

Очекувањата на синдикалците дека ќе имаат средба со градоначалничката Данела Арсовска, на која би поразговарале за проблемите на вработените, не се остварија. На прашањето дали градоначалничката ќе ги прими претставниците на Синдикатот, од Град Скопје одговорија дека не било пристигнато барање за средба.

Нарушувањето на јавниот ред и мир на што денеска сведочевме, вербалните напади и упатувањето навреди и закани кон вработените во Град Скопје, не е начин да се побара средба. Поради тоа, сметаме дека целта на оваа групација не е да се седне и преговара за што е надлежно раководството на ЈСП, туку да се внесе немир меѓу вработените во ЈСП, предизвика хаос и медиумска сензација за ситни политички поени со кои се обидуваат да наштетат на Градот Скопје. Жалиме што повторно се вознемируваат граѓаните со лажни вести – тврдат од Град Скопје.

Но, со исплатата на платите не се решија проблемите со кои ова јавно претпријатие се соочува подолг период. Миќо Стојановски, претседател на синдикатот на ЈСП при Сојузот на синдикати на Македонија, вели дека во моментот проблемот со јулските плати е надминат, но долгорочно не е ништо решено.

Не е решен проблемот долгорочно, „канцерот“ останува. Ние сме трошковна компанија, не сме доходовна. Возиме бесплатно разни категории граѓани, а се финансираме од субвенции од Град Скопје, од блок дотации од Владата. Летниов период е редуциран и возниот ред, па и приходите од билети се помали, Решен е само моменталниот проблем со платите – вели Стојановски.

Според Стојановски исплатата на плати е само еден од проблемите. Во ЈСП се тешки условите за работа затоа што недостасуваат возачи, сервисери.

 Во ЈСП има само 1100 вработени вкупно, што е под просекот за нормално функционирање. Во моментов возиме по летен возен ред, помалку автобуси се во сообраќај, но штом почне учебната година во јавниот превоз треба да се вклучат 270 автобуси – објаснува Стојановски.

На прашањето колку возачи недостасуваат за јавниот превоз нормално да функционира, првиот синдикалец тврди најмалку 100. Како што вели, некои се пензионирале, некои заминале во странство по парче леб, некои земале неплатени одмори, а нови нема.

Во државава не се „произведуваат“ возачи иако има потреба од нив. Доаѓаат да управуваат со автобусите луѓе на 40-50- годишна возраст, но некои од нив не можат да ги издржат постојните услови и си заминуваат – објаснува Стојановски.

Од ЈСП денеска не излегоа ниту со соопштение за да ги информираат вознемирените граѓани дали ќе има превоз или не. На новинарските прашања веќе вообичаено не одговараат, па така останува да „виси“ прашањето зошто не им се исплаќаат навреме платите на вработените.

Од ЈСП „Скопје“ одамна нема одговори ниту за актуелните секојдневни проблеми со кои се соочуваат граѓаните кои користат јавен превоз. Не се знае зошто подолг период во автобусите нема билети за едно возење, зошто нема клими во сите автобуси, ниту, пак, зошто не се почитува објавениот возен ред. Едноставно раководството на ЈСП избира да молчи за сите информации кои се битни за граѓаните.

А скопјани и вчера се жалеа дека возниот ред објавен на веб-страницата на јавното претпријатие не се почитува. На пример, од Волково веќе три дена по ред не тргнува автобусот на линија 22 во 7.52 часот, па луѓето што го очекуваат доцнат на работа. Зошто ова се случува, нема кој да одговори.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот