ВИДЕО: АА истури црвена боја во Министерството за правда поради предложените помилувања

Фото: ТВ21/принтскрин

Претставници на Алијанса за Албанците истурија црвена боја пред зградата на Министерството за правда, во знак на револт поради предлогот за помилување на осуденици, меѓу кои и Бобан Илиќ, осуден за убиство на четиригодишниот Алмир Алиу во Куманово. Албанската опозиција бара оставки од раководството во правда, Бојан Маричиќ и Агим Нухиу.

„Тоа се луѓето кои се подготвени да газат врз крвта на Алмир, подготвени да газат врз нашата крв, врз крвта на граѓаните со единствена цел, да си ги одбранат своите министерски позиции. Станува збор за министерот, заменик-министерот и целиот владин кабинет.“

Откако листата на предложени помилувања од Министерството за правда предизвика бројни реакции во јавноста, министерот за правда Бојан Маричиќ денеска изјави дека ниту едно спорно име нема да се најде на листите за помилување. Предлог-листите се од затворите, а не од Министерството за правда и тие листи поминуваат низ четири филтри, објасни Маричиќ за Утрински брфинг.

Движењето Беса бара од претседателот Пендаровски да не го потпишува помилувањето на Илиќ и другите.

„Ги повикуваме сите надлежни институции, во овој случај претседателот на државата Стево Пендаровски, сериозно да ги сфатат чувствителните случаи, да размислат и да не го потпишуваат нивното помилување.“

Од Алтернатива го информираат премиерот Зоран Заев дека со ова барање на правда се разнишува договорот за заедничко владеење.

„Со надеж дека ниту сегашниот, ниту идниот премиер, не сакаат да ја разнишаат соработката со Алтернатива, очекуваме да го повлечат барањето од претседателот и од друга страна веднаш да започнат со спроведување на договорот Гаши-Заев.“

Од ВМРО-ДПМНЕ реагираа на предлогот за помилување на Александар Василевски-Нинџа, поради чие сведочење беа изречени казни за упадот во Парламентот за случајот „27 април“.

Според партијата на Мицкоски, власта на овој начин му се заблагодарува на Василевски за, како што рекоа, монтираните судски процеси.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот