Веќе се плашам да заминам со него, што е паметно? Психологот Дора Попова – Узуновски одговара на вашите прашања

драга дора
Фото: Приватна архива

Имате проблем и сакате совет од стручњак? Дора Попова – Узуновски, гешталт психолог и магистер на Психолошки науки во областа на клиничката и советодавната психологија, основач на Центарот за применета психологија „Дора“ во Скопје, ви дава совет како да го решите вашиот проблем.

Јас сум малку помлада читателка, искрено се надевам дека ќе ми помогне вашиот совет. Имам 17 години и 10 години помал брат. Целото внимание беше свртено кон мене,  но веќе подолго време молчам дека чувствувам тага поради тоа што не сум повеќе малечката принцеза на тато. Го сакам својот брат, речиси и го пораснав заедно со мајка ми, бев доволно голема за да помагам во сè, затоа овие емоции ми се чудни. Зошто чувствувам љубомора?

Почитувана,

Според развојната фаза, вие се наоѓате во периодот на адолесценција, при која минувате во следната фаза на возрасните. Додадено на тоа, вие сте првото дете на родителите, а вашиот брат е второто, односно помалото дете. Многу веројатно дека веќе вашиот татко ве третира како повозрасна, и автоматски како што велите, не сте малечката принцеза за него повеќе. Тоа можеби е така бидејќи во негови очи сте пораснале. Веќе ве третира како посамостојна, со повеќе одговорност, а можеби и тој има доживување дека не ви е толку потребен како порано. Затоа сега е свртено вниманието кон помалиот брат. Меѓутоа често фазата на адолесценција, односно преминот од детскиот во возрасниот свет, може да биде малку критична. Во тој период се случуваат големи промени во животот на личноста како што се психички, физички и социјални. Личноста е оптоварена и доста почувствителна, па поради таквата тежина, почнува да мечтае за безгрижното детство и тука е присутна желбата за враќање таму. Така што љубомората насочена кон братот што ја чувствувате, не мора да значи дека е лично кон него, туку можеби е само проекцијата и желбата за враќањето назад во тоа што тој сега го живее сѐ уште како дете. За да си олесните, пожелно е да поразговарате со вашиот татко и да му објасните што е тоа што ви е потребно од него. Разбирање, време поминато заедно, прегратка итн. Верувам дека на овој начин ќе бидете разбрана повеќе.

Почитувана Дора,

Речиси цела година со вереникот ги разгледуваме опциите за иселување од државата. Досега сè беше одлично, немавме никакви проблеми, но од моментот кога поднесовме документи, пред околу два месеци, тој почна да станува посесивен, да поставува прашања и да дава коментари кои никогаш претходно не ги изговорил. Инаку, во врска сме 7 години и веднаш по веридбата се договоривме да се иселиме од Македонија. Јас имам 26 години, а тој 32. Веќе се плашам да заминам со него, што е паметно?

Почитувана читателке,

Преселбата, особено во нова држава некогаш може да причинува поголем стрес за личноста. На скалата на стрес-фактори, преселбата се наоѓа на третото место од топ дваесет. Можеби реакцијата на вашиот партнер е резултат на некој страв, па тоа го манифестира во облик на посесивност. Можеби му е потребна поголема поддршка, а не знае како да ја побара. Тоа е една варијанта, а друга е тоа што можеби неговата црта на посесивност отсекогаш постоела, меѓутоа не била манифестирана, па сега ја добива силата и моќта да ја манифестира. Најдобро е подетално да ја истражите неговата причина пред да заминете заедно во странство, бидејќи ако постои недоверба, ќе чувствувате постојано немир и несигурност. Може и двајцата да побарате стручна помош.

Дали би сакале анонимно да поставите прашање? Пишете ѝ на Дора за тоа што ве мачи, на: [email protected] или [email protected] со назнака „Драга Дора“, или преку писмо на адресата „Ристо Шишков“ број 20, Скопје, а ние ќе го објавиме нејзиниот советодавен одговор, или директно контактирајте ја во Центарот за применета психологија „Дора“, на телефонскиот број 075 310 781.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот