Вечерва се одбележува „Часот на планетата Земја“: Претседателската вила и владата ќе потонат во едночасовен еколошки мрак!

Милиони луѓе ширум светот вечерва виртуелно ќе се обединат во испраќање на заедничка порака за спас на планетата Земја кога точно во 20:30 часот по локално време во мрак ќе потонат илјадници споменици ширум светот во одбележувањето на акцијата Часот на планетата Земја.

Со докази кои упатуваат на тесна поврзаност помеѓу уништувањето на природата и светските пандемии како таа со ковид-19, Часот на планетата Земја и Светскиот фонд за природа (WWF) оваа година ќе го искористат светскиот едночасовен мрак да алармираат дека зачувувањето на природата и биодиверзитетот, намалувањето на ефектот од климатските промени и одржливото живеење се пресудни за нашата иднина на оваа планета.

Ѓорги Селков / Приватна архива

Нашиот сегашен начин на живеење доведува до катастрофално уништување на природата што ја зголемува нашата ранливост кон пандемии, ги забрзува климатските промени и ја става во ризик нашата егзистенцијата. Затоа е важно да сфатиме дека секој од нас има моќ да направи промена, а нашата акција е мал поттик и повик за акција кон целиот свет“, вели Ѓорги Селков, организатор на акцијата во Македонија.

И оваа година акцијата ќе се одбележи виртуелно, поради сè уште актуелните мерки и препораки за
превенција од ширењето на пандемијата со КОВИД-19.

Експерти од различни области ќе дискутираат под мотото „Дали природата го возвраќа ударот?“ на
првата дигитална климатска конференција која ќе се вечерва, со почеток во 19:30 часот, а со која виртуелно ќе се одбележи годинашната акција Часот на планетата Земја.

Приватна архива

На конференцијата премиерно ќе бидат претставени климатските акции на македонците преку
презентацијата „Кон зелена иднина со амбициозни климатски акции“ на Павлина Здравева, координатор за климатски промени во канцеларијата на УНДП во Северна Македонија.

Дополнително, преку три дебати во кои ќе учествуваат претставници од локалната власт од град Скопје, претставници од Собранието на РСМ, бизнис секторот и невладините организации, ќе бидат дискутирани теми поврзани со забрзаното уништување на природата и начините како да го промениме нашето живеење за да ја осигураме иднината на планетата Земја.

Конференцијата ќе биде бесплатна за сите заинтересирани граѓани и ќе се емитува во живо на сите
социјални канали на Часот на планетата Земја – @EarthHourMK или на веб страницата:
https://virtual.earthhour.mk/ – во период од 19:30 до 21:30 часот.

 

Секако, останува моментот на едночасовно исклучување на осветлувањето, па така во мрак ќе потонат повеќе локации во нашата земја, меѓу кои претседателската вила Водно, Владата на РСМ, плоштадот Македонија во Скопје, сите објекти и мостови по кејот на реката Вардар, почнувајќи со МНТ, па се до зградата на МНР, скопската тврдина Кале, парковите во скопските општини Карпош и Аеродром, како и неколку атрактивни локации во градот Охрид, меѓу кои Самоиловите тврдини, црквите Канео, Плаошник и Света Софија, кејот Македонија и Гимназијата“, додава Селков.

Повикот за акција важи и за граѓаните, па организаторите ги повикуваат граѓаните масовно да го исклучат непотребното осветлување и во своите домови.

Оваа година, Часот на планетата Земја ќе се одржи денес на 27 март (сабота), кога во 20:30 часот по локално време во мрак ќе потонат над 8.000 града во преку 180 држави ширум светот, а меѓу нив дел е Македонија.

Започнувајќи како симболичен настан во Сиднеј во далечната 2007 година, Часот на планетата Земја сега се одбележува во повеќе од 180 земји и територии како глобален момент на солидарност за планетата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот