„Вашингтон пост“: САД знаеле, а Зеленски не знаел дека украински диверзанти го минираат гасоводот „Северен тек“

Фото: EPA-EFE/Danish Defence Command

Цели три месеци пред минирањето на рускиот гасовод „Северен тек“, американските власти од земја-близок сојузник добиле информации дека украинската војска планира таен напад на мрежата на подводни гасоводи, користејќи мал тим нуркачи кои директно му одговарале на главниот командант на украинската војска, пишува „Вашингтон пост“.

ЦИА уште лани во јуни ги добила деталите од планот преку разузнавачи од европска држава, а документите досега најдетално ја опишуваат вмешаноста на Украина за подводниот напад во Балтичкото Море, кој предизвика остри реакции ширум светот, додека Русија, Украина и САД си ја префрлаа одговорноста за саботажата, се вели во написот на американскиот весник.

Извештајот наводно бил објавен на платформата „Дискорд“ од Џек Тешеира, членот на Воздушната национална гарда уапсен за одавање државни тајни во САД. „Вашингтон пост“ добил копија од еден од неговите пријатели, наведува весникот.

Разузнавачкиот извештај е заснован на информации добиени од лице од Украина. Изворите на „Вашингтон пост“ не биле во можност веднаш да бидат потврдени, но според повеќе официјални лица запознаени со ова, кои зборувале под услов да останат анонимни, ЦИА го споделила извештајот со Германија и другите европски земји уште лани во јуни.

„Високото ниво на детали – бројот на оперативци и методите на нападот, покажува дека западните сојузници речиси цела година имале причина да се сомневаат дека Киев е одговорен за саботажата. Таа проценка уште повеќе се потврди во последниве месеци, кога германските истражители открија докази за бомбашки напад со изненадувачки сличности со она што европските разузнавачи знаеле дека Украина го планира“, се вели во написот.

Официјални лица во повеќе земји потврдија дека резимето на разузнавањето објавено на „Дискорд“ точно го опишува она што европското разузнавање ѝ го пренело на ЦИА. „Вашингтон пост“ наведува дека медиумот се согласил да не ја открие европската земја од која дошле информациите, како и некои аспекти од планот, на барање на владини претставници кои навеле дека откривањето на тие информации ќе ги компромитира изворите и операциите кои се во тек.

Украина, Белата куќа и ЦИА не коментираат

Европските разузнавачи нагласуваат дека нападот не бил планиран од независни, одметнати диверзанти. Сите вмешани во операцијата наводно директно му одговарале на генералот Валериј Залужни, највисокиот воен функционер на Украина, кому му било доверено не само да ја води операцијата, туку и да ја сокрие од украинскиот претседател Володимир Зеленски, се наведува во разузнавачкиот извештај, според „Вашингтон пост“.

Чувањето на Зеленски настрана од плановите и неговото незнаење за планот, според извештајот, му дало на украинскиот претседател уверлив начин да ја негира вмешаноста на Украина во нападот. Признанието на Киев дека е одговорен за саботажата можело да предизвика гнев во јавноста и да ја загрози поддршката од Западот за Украина, особено во Германија. Земјата пред војната добиваше половина од потребите од природен гас од Русија, а најголемите германски енергетски компании, заедно со француски и холандски партнери, инвестираа милијарди во „Северен тек“, од кој рускиот државен гигант „Гаспром“ поседува 51 отсто.

Украина долго време се противеше на проектот, наведувајќи дека „Северен тек“ ќе ѝ дозволи на Русија да ги заобиколи украинските гасоводи, лишувајќи го Киев од големиот транзитен профит.

Инаку, во врска со нападот врз „Северен тек“, во февруари внимание предизвика и истражувањето на американскиот независен новинар-ветеран Сејмор Херш, кој директно го посочи претседателот на САД Џо Бајден како наредбодавач на саботажата. Белата куќа тогаш го нарече извештајот на Херш „целосно лажен и целосна измислица“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот