Ужасот на војната: Израелската војска тврди дека Хамас обезглави 40 деца и бебиња
Израелските одбранбени сили (ИДФ) денеска одведоа локални и западни новинари во едно од местата што Хамас ги нападна во саботата, каде беа пронајдени тела на деца и бебиња, јавуваат израелските медиуми.
Новинарите денеска го посетија селото Кфар Аза – како што пишува Би-би-си – местото на масакрот извршен од Хамас во близина на границата со Газа. Војниците му кажале на меѓународниот уредник на вести на Би-Би-Си, Џереми Боуен, дека Хамас извршил рации во куќи, палејќи ги и убивајќи цели семејства.
Еден израелски офицер изјави дека некои од загинатите биле обезглавени.
Според „Тајмс оф Израел“, репортерот на i24 News рекол дека командантот на ИДФ и рекол дека пронашле тела на околу 40 бебиња, од кои некои биле обезглавени.
„Гледате бебиња, мајки, татковци, во нивните спални соби, во нивните засолништа и како терористите ги убиваат. Тоа не е војна, не е бојно поле. Тоа е масакр“, изјави генерал-мајор Итаи Верув, пренесе Ројтерс.
Израелските официјални лица или независните меѓународни организации на местото на настанот не ги потврдија наводите за убиените деца.