Уставни измени: Различни гости, иста порака, слаб ефект

устав на рм
Фото: МИА

Пораките од странците нема да предизвикаат контраефект, ама нема да постигнат ни таков ефект каков што претпоставуваат испраќачите, бидејќи граѓаните имаат формиран став за прашањето за уставните измени и особено за кредибилитетот на ЕУ и на луѓето што доаѓаат од таму за тие прашања, вели за „Слободен печат“ професорот Ило Трајковски.

Нови гости, исти пораки. Вака почна „дефилето“ на високи странски функционери во Македонија што доаѓаат со истото уверување дека во земјава треба да се направат уставните измени за да може да продолжиме по патот што води до Европската Унија. Пораката ниту е спорна ниту е непозната, бидејќи искуството што го имаме од периодот пред Преспанскиот договор покажува дека таа не допира премногу до граѓаните. Не дека ефектот е негативен, но влијанието не е онакво какво што посакуваат Европејците.

А се чини малку помагаат и нивните молби. Австрискиот претседател Александер ван дер Белен неодамна за време на официјалната посета на земјава порача дека е неопходно да се направат уставните измени за да продолжи процесот на евроинтеграција, а патот, како што рече, е тежок. Дури изрази убеденост дека ќе успееме да ги направиме измените, со оценка дека тој чекор не треба да биде драматизиран.

Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок, пак, малку подоцна ни го даде нејзиниот збор дека ЕУ нема да не остави на цедило, ама уставните измени мора да се донесат што поскоро, а за тоа е потребен општествен консензус. За да не потсети какви сѐ компромиси и отстапки сме направиле досега, па и покрај тоа предолго сме во чекалницата на ЕУ, направи паралела и кажа: „Во 2005 година кога вие добивте кандидатски статус, јас одев во училиште. Тоа е вечност“.

Набрзо потоа стигна пораката од словенечкиот премиер Роберт Голоб од Љубљана, кога по средбата со македонскиот премиер Димитар Ковачевски рече дека верува оти ќе преовлада разумот кај сите политички субјекти во Македонија и тие ќе го разберат историското значење на овој момент во евроинтеграциите. Голоб кажа дека промената на Уставот е тежок процес што мора да се случи, а процесот мора да биде завршен што побрзо како што е предвидено. Сепак, додаде дека евроинтеграцијата на Северна Македонија не смее да запре со внесување дополнителни билатерални прашања во агендата.

Низата ја продолжи хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ со малку посуптилен пристап. Без да каже директно „уставните измени мора да ги направите“ говореше за хрватското искуство за влез во Унијата и придобивките од тоа, истовремено охрабрувајќи ги пратениците и граѓаните да продолжат по тој пат, иако на моменти изгледа дека на него има многу пречки, и потсети дека хрватските партии имале политички консензус.

– Сакам да ве охрабрам да не губите верба и надеж, туку напротив да вложите дополнителни напори во спроведување на реформите и во условите како подготовка за идно членство во Унијата. Колку да ви се чини тешко и неизвесно, политичките околности и вашата јасна определба за ЕУ бара да направите исклучително важен чекор за вашата земја, за нејзините граѓани и за идните генерации – кажа Пленковиќ.

Колку ваквите пораки имаат влијание на јавноста во земјава? Експертското мислење е дека нема да има контраефект, ама не и онаков ефект каков што претпоставуваат испраќачите на пораките. Во прилог на ова, универзитетскиот професор, социологот Ило Трајковски потсетува дека исто искуство имавме и со Преспанскиот договор кога еден куп светски политичари дојдоа во земјава да говорат за придобивките, а одѕивот на референдумот беше лош. Тој, како што вели, не може да каже дека од пораките ќе има контраефект, ама граѓаните имаат формиран став за прашањето за уставните измени и особено за кредибилитетот на ЕУ и за луѓето што доаѓаат од таму за тие прашања. Трајковски се повикува на истражувањата на јавното мнение, според кои, јавноста не ја прифаќа ЕУ како доверлив партнер и извор на вистини.

– Не сакам да кажам дека граѓаните не се проевропски ориентирани, ама европските политичари такви какви што се мислам дека немаат пресудно влијание врз мислењето на граѓаните, барем не такво какво што тие претпоставуваат дека ќе имаат – вели професорот Трајковски за „Слободен печат“.

Неговата оценка е дека странците знаат да извршат влијание врз политичката елита и посредно преку нив евентуално и врз граѓанството. Политичките елити, вели професорот им се поважни.

– Целта, апсолутно, им се политичарите, а не граѓаните. Се разбира, очекуваат дека ќе имаат влијание врз граѓаните, меѓутоа посредувано преку политичките елити, преку односот кон нив и како тие потоа ќе интерпретираат преку своите ешалони. Но, со оглед на фактот дека јавното мнение упорно покажува резерва кон очекувањата од ЕУ, може да претпоставиме дека што и да прават не можат да го променат тој дел на граѓанството – објаснува Трајковски.

Тој додава дека кај јавното мислење во моментов има една резерва која тешко може да се надмине, па влијанието од овие посети врз поширокото општество е минимално.

На прашањето што е главната причина за резервираноста на граѓаните кон ЕУ, Трајковски наведува повеќе причини, почнувајќи од тоа дека сме имале една идеализирана слика за ЕУ, особено за нејзината политика, за европски вредности итн., а сега ќе треба да ја видиме пореално – Европа во која принципите варираат.

– Она што го нарекуваме губење на кредибилитетот на Унијата е всушност отрезнување на граѓанството дека треба да си ги гледа прво своите интереси, своите потреби и своето чувство на идентитет итн. а потоа да следи некои други политики. Да не потсетуваме колку време сме во чекалната на ЕУ, па после следуваше направете го уште ова, па уште ова. Тоа е навистина нешто што го истроши тој дел на довербата што ја имаат граѓаните. Поентата е дека тие не се уверени дека она што се зборува е последно, туку дека утре ќе излезе нешто друго. Во тој поглед велам дека се губи кредибилитетот. Граѓанството, сепак, има еден корпус ставови и вредности и не може да даде целосна доверба некому кога знае дека државите, такви какви што се, се ориентирани кон своите интереси – вели професорот Трајковски.

За него клучот за решавање на ваквите прашања е ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ да седнат и да ја сфатат реалната ситуација каква е што е и да не туркаат така како што туркаат. Според него, треба малку попромислено однесување и на двете партии.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот