Уставната среда не може да го помилува „крвавиот четврток“?!

Уставниот суд се наоѓа пред нов предизвик, бидејќи деветтемина уставни судии денеска ќе одлучуваат дали лицата што направија кривични дела на 27 април 2017 година со насилниот упад во Собранието треба да одговараат или треба да бидат поштедени од одговорност.

Како што објаснуваат правниците, доколку мнозинството судии одлучи дека Законот за амнестија не е уставен, тогаш ќе биде поведена постапка која ќе заврши со укинување или со поништување на двата спорни членови со помош на кои беа ослободени од одговорност дел од обвинетите. Доколку, пак, мнозинството одлучи дека парламентот има право да додели амнестија, посочуваат експертите, тогаш иницијативата ќе биде целосно отфрлена.

Во членот 1 се наведува дека се ослободуваат од кривично гонење, се запираат поведените кривични постапки и целосно се ослободуваат од издржување на казната затвор лицата за кои постои основано сомневање дека сториле кривично дело поврзано со настаните во Собранието на 27 април 2017 година. Во членот 2, пак, се наведува дека со амнестија од ставот 1 на овој член се ослободуваат од кривично гонење според Кривичниот законик и друг закон на Република Македонија лицата за кои постои основано сомневање дека сториле кривично дело поврзано со собраниските настани.

Да се отфрли иницијативата

Поранешниот претседател на Уставен суд, Трендафил Ивановски, очекува мнозинството уставни судии денеска да ја отфрлат иницијативата.

– Институтот помилување и институтот амнестија се посебни, специфични институти преку кои се изразува извесна милост и тука нема навлегување дали некој е виновен или не е виновен. Меѓутоа, кај нас овие работи се сфаќаат многу погрешно со самото тоа што се бара да се истражи исправноста на некоја постапка. Со самото изрекување на дејството, мерката автоматски се претвора во свршена мерка, па затоа е глупаво дури по две години да се поставува прашањето дали била правилна постапката.

Со самото носење на Законот за амнестија парламентот ја кажал својата намера. Како и да е, сметам дека помилувањето и амнестијата не се податливи за да се врши проценка на нивната уставност. Самата амнестија и самото помилување се политички чинови и од тој аспект сметам дека Уставниот суд нема што тука да одлучува. Се надевам дека мнозинството уставни судии денеска ќе ја отфрлат иницијативата – вели Ивановски.

Амнестирани петмина пратеници

Законот беше донесен минатиот декември и тој опфати 15 обвинети, меѓу кои се петмина пратеници, двајца вработени во кабинетот на експретседателот Ѓорге Иванов и тројца организатори на протестите. Пратениците Крсто Мукоски, Сашо Василевски и Љубен Арнаудов, кои гласаа за последните уставни измени за промена на името, сега се дел од Независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, а оттаму велат дека амнестијата не се однесува на пратениците туку на настаните од „крвавиот четврток“.

– Членот 1 и членот 2 од Законот за амнестија воопшто не се однесуваат за колегите кои веќе се амнестирани. Овие членови се однесуваат на целиот настан, па јас се надевам дека Уставниот суд ќе донесе вистинска одлука, односно дека ќе одобри амнестија за сите учесници од тој ден. Или, пак, очекувам во најмала рака делот за тероризам да падне – истакна пратеничката Емилија Александрова од Независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ.

Меѓу амнестираните беа и пратениците Јохан Тарчуловски и Љупчо Димовски. Сите пратеници беа обвинети дека ги отвориле вратите на Собранието и дека ги насочувале учесниците во протестот кон салата за прес-конференции.

Во групата беа и водачите на протестите Богдан Илиевски, Владо Јовановски и Борис Дамовски, а оперскиот пејач Игор Дурловски не побара амнестија, но доби ослободителна пресуда. Вкупно 18 од обвинетите не беа опфатени со амнестијата.

За упадот во Собранието, изречени се казни на 16 обвинети поради загрозување на уставниот поредок и безбедноста, а највисока казна од 18 години затвор доби ексдиректорот на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот