Универзитетот „Мајка Тереза“ доби локација во касарната Илинден

Јетон Шаќири и Изет Зеќири/Фото: МИА

По шест години од основањето, Универзитетот „Мајка Тереза” во Скопје ќе добие свој инфраструктурен комплекс. Со одлука на Владата од пред неколку денови, високообразовната установа доби локација на која, постојните објекти ќе се адаптираат за потребите на наставно – научниот кадар и за студентите. Инвестицијата ќе ја реализираат Министерството за образование и наука и самиот Универзитет, информира денеска МОН.

Ова, како што додаваат од Министерството, било повод за денешната средба помеѓу министерот за образование и наука Јетон Шаќири и новоименуваниот ректор на Универзитетот „Мајка Тереза”, проф. д-р Изет Зеќири на која било извршено примопредавање на локацијата во кругот на поранешната касарна „Илинден” во главниот град, каде ќе биде сместен универзитетскиот кампус. На средбата се разговарало за планот на активности и динамиката со која тие ќе се реализираат.

– Денеска ги завршуваме административните процедури за да почне изградбата на универзитетскиот кампус и ова е голем исчекор напред во заложбите за градење на една квалитетна високообразовна установа, затоа што квалитетот во голема мера зависи од инфраструктурните услови, рече министерот Шаќири изразувајќи очекувања дека градежните активности ќе започнат годинава и веќе од следната академска година целиот наставно – научен процес ќе се префрли во новите простории.

Новиот ректор на Универзитетот „Мајка Тереза” Зеќири изразил благодарност до МОН и Владата за отстапената локација и за поддршката која и досега му ја даваа на универзитетот од сите аспекти, а рекол и дека, ова е успех и на досегашното универзитетско раководство.

Се надевам, додал тој, дека што поскоро ќе започнат и ќе се заокружат инвестициските активности, по што ќе се комплетираме како универзитет и со тоа, верувам дека уште повеќе ќе се зголеми мотивацијата за работа на професорите, но и мотивацијата за учење кај студентите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот