
Унгарскиот МОЛ го презема снабдувањето со нафта во Србија по санкциите на САД
Унгарската нафтена компанија МОЛ ќе ги зголеми испораките во Србија по санкциите на САД врз рафинеријата НИС, изјави денес унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто, јави Ројтерс.
Препорачано
„Бидејќи МОЛ игра важна улога во снабдувањето на Србија со сурова нафта и гориво… нашите српски пријатели можат да се потпрат на зголемени испораки од МОЛ“, рече Сијарто, додавајќи дека ова зголемување нема да може целосно да го компензира недостатокот на испораки од Хрватска.
Нафтената индустрија на Србија (НИС), која е во мнозинска сопственост на Русија, не доби ново одложување на санкциите на Вашингтон воведени врз рускиот енергетски сектор. Во август, Канцеларијата за контрола на странски средства (ОФАЦ) на Министерството за финансии на САД ја продолжи својата лиценца за испораки на сурова нафта до НИС до 29 септември, а потоа повторно до 8 октомври.
Јадранскиот гасовод (Јанаф), кој транспортира нафта до рафинеријата во Панчево, главниот снабдувач на нафтени производи на српскиот пазар, објави во среда дека добил лиценца што му овозможува да учествува во активности што се вообичаени и неопходни за транспорт на нафта до 15 октомври оваа година, со цел да ги заврши сите активности преземени според тековниот договор за транспорт на сурова нафта.
Јанаф, кој испорачува помеѓу два и три милиони тони нафта и генерира околу 40 милиони евра приходи, минатата година потпиша договор со НИС за транспорт на 10 милиони тони нафта до крајот на следната година.
Спроведувањето на санкциите, воведени во јануари, досега е одложувано осум пати. Санкциите врз српската нафтена индустрија се дел од казнениот пакет санкции на Соединетите Американски Држави против рускиот енергетски сектор, а НИС е под лупа на американските санкции од почетокот на оваа година, бидејќи повеќе од 55 проценти од акциите во таа компанија се заеднички во сопственост на руските „Газпром Нефт“ и „Газпром“