
Унгарија: Фалбаџиството ја загрозува моќта на Орбан
Јавноста во Унгарија е сè поогорчена од луксузниот живот што го водат луѓе од опкружувањето на Виктор Орбан и од инфраструктурниот хаос што владее во земјата. Премиерот реагира со хистерична пропаганда.
Во видеоклип, унгарскиот премиер Виктор Орбан држи смартфон и покажува кон СМС-порака со линк. „Еве како тоа го прават украинските сајбер измамници“, вели Орбан. „Кликнуваш на линкот и парите ти ги нема“, додава тој.
Препорачано
Тоа е едно од актуелните антиукраински видеа на Виктор Орбан на Фејсбук и ТикТок. Во него без никакви докази предупредува од наводни украински криминалци, кои наводно би краделе пари на Унгарците доколку тие кликнат на линк во СМС-порака.
Под објавата на Орбан има стотици коментари со потсмевање или бес. „Кај вас измамата функционира дури и без кликање“, пишуваат многумина обраќајќи му се на Орбан. „Еве уште неколку сезонски идеи“, предлага друг корисник и наведува дека „во лето напаѓа УВ-зрачење од украинско потекло, а во зима снежна бура од Украина го отежнува сообраќајот.“
Некои корисници се жалат на високата инфлација и лошата состојба на здравствениот систем. Постојано се вртат буквите МНБ и бројката 500 милијарди проследени со гневни емотикони.
Огромен грабеж на банка
500 милијарди унгарски форинти, односно приближно 1,25 милијарди евра, се предмет на еден од најголемите државни корупциски и скандали со измама во Унгарија откако Виктор Орбан е на власт по победата со двотретинско мнозинство во 2010-тата година. Парите се исчезнати од Унгарската национална банка (МНБ) – накусо кажано може да се зборува за гигантски грабеж на банка. Двајцата главни чинители се поранешниот претседател на банката, Ѓерѓ Матолчи, кој на функцијата беше до март 2025 година, и неговиот син Адам, кој со години води раскошен живот.
Размерите на аферата од март 2025 година сè повеќе излегуваат на виделина и се чини дека прераснуваат во пресвртница за режимот на Орбан. Во очите на многу Унгарци, аферата ја отсликува сета изопаченост и неморал на системот на Орбан. Се работи за јавни пари чие исчезнување со години не го истражуваше ниту еден орган, бесрамен непотизам и отворен конфликт на интереси, како и незаслужениот луксузен живот на децата на луѓе блиски до Орбан, додека многу Унгарци едвај врзуваат крај со крај. Јавното незадоволство од луксузниот живот на владејачката елита е огромно.
„Плејбои на системот на Орбан“
Изгубените милијарди првично се влеале во фондации основани од поранешниот претседател на МНБ, Матолчи, откако ја презеде функцијата во март 2013 година. Потоа исчезнале во мрежа од меѓусебно поврзани компании во сопственост на неговиот 39-годишен син Адам и негови пријатели, или фирми управувани од нив. Средствата биле користени за сомнителни зделки со недвижности и акции. Голем дел наводно е изгубен преку загуба на вредноста и пад на цените на акциите.
Богатството на друштвото, пак, и покрај тоа продолжило да расте. Адам Матолчи, кој ги прекинал студиите по економија во Будимпешта, поседува луксузни автомобили, луксузни часовници и луксузни станови во Будимпешта и Дубаи и патува низ светот во приватен авион и со унгарски дипломатски пасош. „Плејбои на Орбановиот систем“ ги нарекува унгарската јавност потомците на партиските пријатели, луѓе од доверба или олигарси на унгарскиот премиер.
Истраги од Ревизорското тело
Од позиција на министер за економски прашања и директор на Народната банка, таткото на Матолчи е еден од архитектите на „неортодоксната“ економска политика на Орбан. Во изминатите години падна во немилост кај автократот од Будимпешта поради критиките за некои од економските мерки на владата на Орбан. Откако неговиот мандат во МНБ истече во март 2025 година, Унгарската ревизорска служба (АСЗ) истражува во врска со исчезнатите милијарди. АСЗ е под контрола на Орбан и не води истраги за лојални следбеници на премиерот. Но, кога дури и Ревизорската служба наведува дека се исчезнати 500 милијарди форинти, тоа меѓу редови се чита како официјално признание дека некои партиски великани на Фидес и олигарси на Орбан дрско и нелегално се збогатуваат. Тоа што се фалат со својот луксуз особено ја иритира јавноста.
Не се работи за изолирани случаи
Делумно затоа што и не се работи само за изолирани случаи. На пример, школскиот другар на Орбан, Лоринц Месарош, поранешен монтер во гасна централа во Фелчут, малото родно селце на премиерот, сега е мултимилијардер и најбогат Унгарец. Понекогаш го нарекуваат „паричникот на Орбан“ или „посредникот на Орбан“ и е познат по тоа дека често и многу сака да патува во луксузни приватни авиони.
Тука се вбројуваат и партиските пријатели на Орбан, како Антал Роган, кој се најде на насловните страници пред повеќе години, кога со неговата тогашна сопруга во хеликоптер отпатуваа на една луксузна свадба. На Роган му остана етикетата „Луксузен Тони“, меѓу другото и затоа што тој и неговата тогашна сопруга, како и актуелната, паѓаа в очи со луксузна облека, од која некои парчиња чинат неколкукратно повеќе од просечна годишна унгарска плата.
И пред сè, тука е самиот Виктор Орбан. На хартија нема заштеди и е само косопственик на куќа во Будимпешта и на фарма во неговото родно село Фелчут. Затоа пак семејството Орбан е дотолку побогато. Таткото на Орбан реновирал стар војводски имот недалеку од неговото родно село во огромна приватна резиденција за семејството Орбан. Зетот на премиерот, Иштван Тиборч, е инвеститор во луксузни недвижнини и еден од најбогатите Унгарци. Орбан, пак, постојано тврди дека „нема никаква врска со деловни работи“.
Штетно за имиџот на владејачката партија
Огорченоста поради раскошот е поврзана со гневот поради лошата состојба на јавната инфраструктура. На пример, минатата сабота (7 јуни 2025 година), железничкиот сообраќај од Будимпешта до езерото Балатон беше привремено прекинат поради дефект на рампа. Тоа беше една од многу хаотични ситуации во унгарскиот железнички сообраќај, ситуација во која многу Унгарци се потсетија што сè генерално не чини во земјата – на пример дека многу болници и училишта се во очајна состојба.
Контрастот и јазот меѓу животот на елитата на Орбан и поширокото население за првпат по многу години доведува до критички дебати во рамките на владејачката партија Фидес. Тибор Наврачич, стар сопатник на Орбан и актуелен министер за администрација и развој, во видео поткаст на новинарот Саболч Дул рече дека луксузниот начин на живот на елитата на Орбан е штетен за имиџот на партијата.
Тој не е единствениот критички глас во партијата. Самиот Орбан реагира со сè поапсурдни лаги во неговата антиукраинска кампања од изминатите недели. Најновите тврдења се дека украинскиот претседател Володимир Зеленски врши притисок врз Европската Унија да ги зголеми цените на енергенсите во Унгарија. Брисел де факто и нема такво овластување, а сепак во видео на Фејсбук, Орбан на Зеленски му става зборови в уста што тој никогаш не ги кажал: „Украинскиот претседател зборува за тоа дека сака да земе пари од џебовите на Унгарците за да може поуспешно да ја продолжи својата војна“.
Извор: Дојче веле/ Автор: Кено Верзек